Компанијата „Неуралинк“, која е во сопственост на мултимилијардерот Илон Маск, објави дека добила одобрение за тестирање мозочни чипови на луѓе.
Одобрувањето го даде Управата за храна и лекови на САД (ФДА), а станува збор за чипови импланти што се наменети да им овозможат на инвалидите повторно да бидат подвижни, со поврзување на мозокот и компјутерот.
„Неуралинк“ сè уште нема намера да ги покани оние што би волонтирале да учествуваат во тестирањето. Претходните обиди на Маск да започне со тестирање беа неуспешни.
ФДА претходно го одби барањето за тестирање поради загриженост за безбедноста. Компанијата на Маск се надева дека ќе помогне во лекувањето состојби како парализа и слепило. Чиповите, кои беа тестирани на мајмуни, се дизајнирани да ги интерпретираат мозочните сигнали и да ги пренесуваат преку блутут.
Најавено е дека тестовите ќе бидат опсежни со цел да се надминат технолошките и етичките предизвици и на крајот чиповите да бидат што пошироко достапни. „Неуралинк“, која е основана во 2016 година, постојано ја преценуваше брзината на развојот на овие чипови.
Првичната цел беше да се започне со нивно вградување во човечкиот мозок во 2020 година, но тогаш беше кажано дека тоа ќе се случи во 2022 година. Компанијата ги отфрли обвинувањата дека ѝ наштетила на благосостојбата на животните за време на тестирањето.
Најавата на „Неуралинк“ за тестирање мозочни чипови на луѓе следува по неодамнешното соопштение на швајцарските истражувачи исто така за мозочни чипови.
Имено, беше објавено дека парализиран Холанѓанец можел да оди благодарение на чип што безжично му ги пренесува мислите на нозете и стапалата, пренесува „Би-би-си“.