Фото: Оксана Рујаноска

Ванг Јинг Лонг, кој на социјалните мрежи се потпишува како Ванг Чонг е 30 годишник од Пекинг, по занимање учител во основно училиште, кој на нашата јавност и стана познат пред околу две години кога беше објавено дека на плоштадот во Пекинг ги пее песните на Тоше Проески.

За балканскиот славеј слушнал пред неколку години кога ја посетил Србија, бидејќи ги сакал песните на неколкумина популарни балкански пејачи. Токму затоа почнал да учи српски јазик, го обожава тенисерот Новак Ѓоковиќ, а и самиот игра тенис.

За време на посетата на Белград неговите домаќини му ја пуштиле и песната „Чија си“ на Тоше, која веднаш го освоила и посакал да слушне и други негови песни. Најмногу му се допаднала „Трешња“(„Цреша“), но добил поредлог да ја отпее на македонски јазик зашто звучи многу поубаво. И го сторил тоа.

Фото: Оксана Рујаноска

По враќањето во Пекинг, и песните на Тоше редовно ги пеел на плоштадот во Пекинг, а „Цреша“ ја изведувал на македонски јазик. Кога првпат го поставил видеото на социјалната мрежа Инстаграм, се изненадлил од многуте коментари и комплименти што ги добил, од фановите на Тоше од целиот свет.

Меѓу оние што му дале поддршка да продолжи да ги пее хитовите на Проески била и Оксана Рујаноска, голема обожавателка на Тоше од Благоевград, Бугарија, која нашиот ангел ја донесе во Крушево, каде пред неколку години го пронајде и својот брачен партнер.

Сега Оксана живее на реалацијата Благоевград-Крушево и се разбира следи се што е поврзано со Тоше, дел е од многу акции и хуманиртрани проекти, заедно со членките на фан клубот „Тоше Проески“ од Благоевград и други градови во Бугарија и Македонија.

– Ванг ми кажа дека слушнал за Тоше пред 2018 година, кога бил во Србија, која ја посетил досега шест пати, а неодамна првпат беше во Македонија, ама многу му се допадна, импресиониран е од дочекот, срдечноста, од почитта кон Тоше и рече дека ќе дојде пак. За Ванг македонскиот јазик е доста тежок за учење, но ќе се потруди да го научи за да ги пее во оригинал песните на Тоше – ни рече Оксана.

Фото: Оксана Рујаноска

Таа ни објасни и како дознала за неговата посета на нашата земја.

-Кога ја прочитав објавата на Ванг Чонг на Инстаграм дека се подготвува за балканско патување, а меѓу другото да дојде и 10 дена во Македонија, поточно во Скопје (5), Крушево еден ден и во Охрид (5 дена) веднаш му се јавив и му предложив да се сретнеме. Земав од работа два дена одмор и во четвртокот, 10 август, заедно со син ми Ѓорѓи (19) и мојата пријателка Нина, која ја земавме од Ќустендил, тргнавме за Скопје. Се сретнавме со Ванг и неговата девојка Ван во хотелот каде престојуваа, а тој ни се пофали дека веќе се фотографирал пред статуата на Тоше на Кејот на Вардар. Се упативме најпрво за Прилеп. Таму му го покажавме споменикот посветен на Проески во центарот на градот, па тргнавме за Крушево со мојот автомобил. Драгиот гостин ми остави убав впечаток, како добар, емотивен човек, а може ли да биде поинаку кога нашиот блакански ангел е алката што не поврза и е причина поради која и двајцата го учиме македонскиот јазик – вели Оксана.

Фото: Оксана Рујаноска

Таа дополни дека на Ванг Чонг многу му се допаѓаат песните на Тоше, и покрај тоа што македонскиот јазик му е малку тежок за интерпретација.

– Ванг ми рече дека кога ги пее песните на Тоше ја чувствува неговата харизма и со сето срце му ги посветува, каде и да е. Негова желба била да дојде во Крушево и да пее пред луѓето што го разбираат и многу е среќен што тоа и се случило. Со дозвола на семејството на Проески бевме и во Спомен-музејот, каде ја слушна целата негова биографија и ги виде личните предмети на Тоше. Доби и книга за спомен, а отпеа и неколку негови песни. „Цреша“ ја испеа и пред „Македониумот“, а вечерта, на затворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“, со дозвола на градоначалникот на Крушево се качи и на сцена и интерпретираше дури пет песни : „Чија си“, „Боже брани ја од зло“, „Све је ово премало за крај“, „Још увек сањам да смо заједно“ и „Цреша“, инаку мојата омилена песна. Успеавме да најдеме и гитара од еден локален музичар и се излезе многу убаво. Драго ми е што придонесов и јас сето ова да се оствари – со многу емоции ни раскажа Оксана.

Фото: Оксана Рујаноска

Таа била трогната кога Ванг на крајот на настапот од срце се заблагдоарил на топлиот прием и на сите им порачал да го чуваат споменот на Тоше од заборав.

– Ванг вети дека повторно ќе дојде наскоро ,а дотогаш ќе се потруди да научи и македонски јазик. Негова желба, како што рече не е да стане славен, туку повеќе луѓе да дознаат за Тоше и да ги пејат неговите песни. Токму затоа многу често за време на престојот во Македонија на сите им ја кажуваше познатата реченица на Тоше: „Ве сакам сите!“Особено се радуваше на средбата и со фановите на Тоше од Хрватска, кои му подарија маица со ликот на Тоше, од Босна и Херцеговина, Бугарија и секако од Македонија што ги запозна во Крушево – ни рече Оксана Рујаноска.

Фото : Оксана Рујаноска

Таа со својот автомобил Ванг и неговата девојка Ван ги однела и во Охрид, а како и досега ќе продолжи да контактира со него преку социјалните мрежи.

Видео https://www.facebook.com/reel/1399458173967903