Кина вложува големи напори да стане една од водечките сили во вселената, а сега нејзината нова цел е да пронајде планети слични на Земјата погодни за живот. Кина неодамна ги лансира првите ровери на Месечината и Марс и изгради сопствена вселенска станица, а сега Кинеската вселенска агенција се приклучува на трката чија цел е да се пронајдат егзопланети погодни за живот. Овој месец научниците ќе објават детален план за првата мисија насочена кон откривање егзопланети Земја 2.0.
Егзопланета е термин што се користи за сите планети надвор од нашиот Сончев Систем, а целта е да се пронајдат оние што се слични на Земјата и кои орбитираат во зоната погодна за живот на нивното сонце. Научниците веруваат дека ваква хипотетичка планета Земја 2.0 би можела да има идеални услови за одржување на живот.
Американската вселенска агенција НАСА неодамна објави дека открила повеќе од 5.000 егзопланети, главно благодарение на телескопот „Кеплер“, кој престана да работи во 2016 година. Меѓутоа, ниту една од овие планети технички не ја исполнува дефиницијата за планетата Земја 2.0, затоа што тие не орбитираат во зона погодна за живеење слична на нашата.
Кинеската вселенска агенција се надева дека ќе биде првата што ќе го направи откритието, а нејзиниот нов проект е финансиран од Кинеската академија на науките и сѐ уште е во фаза на дизајнирање. Во јуни се очекува оцена од експертска комисија. Ако сѐ оди според планот, тој панел ќе му даде на тимот „зелено светло“ да започне да гради свој сателит. Вселенската опсерваторија би требало да биде лансирана со ракетата „Лонг марч“ до 2026 година.
Новиот кинески сателит е дизајниран да носи седум телескопи, од кои шест ќе го истражуваат соѕвездието Лебед-Лира, што исто така беше забележано од телескопот „Кеплер“ на НАСА. Сателитот ќе има капацитет да набљудува околу 1,2 милион ѕвезди, со видно поле пет пати пошироко од она на „Кеплер“. Тие исто така ќе можат да набљудуваат потемни и подалечни ѕвезди во споредба со оперативниот сателит ТЕСС на НАСА, кој ги набљудува ѕвездите поблиску до Земјата.
Нашиот сателит може да биде 10-15 пати помоќен од „Кеплер“ на НАСА кога станува збор за капацитетот за истражување на небото – рече Џијан Ге, астроном што ја води мисијата Земја 2.0.
Телескопите ќе откриваат егзопланети со детектирање на падот на осветленоста на ѕвездите, што ќе биде доказ дека планетата орбитира. Седмиот телескоп ќе се користи за пребарување егзопланети што не орбитираат околу ѕвезди, како и оние што орбитираат далеку од нивната ѕвезда.
Во потрагата по планетата Земја 2.0, научниците мора да потврдат дека таа има слична орбита како Земјата и дека орбитира околу Сонцето еднаш годишно. Затоа, кинескиот сателит ќе биде програмиран на особено „густ“ дел од Млечниот Пат во период од четири години.
Очекуваме многу податоци, па ни треба сета помош што можеме да ја добиеме. Мисијата Земја 2.0 е можност за подобра меѓународна соработка – заклучи Ге.