Фото: Фејсбук/Ким Кардашијан

Дали се интересирате за криптовалутите? Ова не е финансиски совет, туку споделување на она што пријателите ми го кажаа за токенот етелиум макс!. Оваа објава на Ким Кардашијан, преку која на Инстаграм го промовираше токенот ЕтериумМакс на 13 јуни минатата година, ја чинеше 1,26 милиони долари, што ријалити-ѕвездата се согласи да ги исплати во рамки на судска спогодба.

Американската владина агенција СЕЦ ја обвини Кардашијан поради прикривање на информацијата дека добила 250 илјади долари за нејзината објава на Инстаграм. Покрај плаќањето на паричната казна, таа се согласила и за соработка со СЕЦ во тековната истрага.

– Случајот е потсетник дека кога славните личности или инфлуенсерите промовираат можности за инвестирање, вклучувајќи криптовредности, тоа не значи дека тие инвестиции или производи се погодни за сите инвеститори – истакна Гери Генслер од СЕЦ.

Кардашијан се согласи и дека не смее да промовира криптовалути во следните три години.

СЕЦ веројатно ја целел Кардашијан за да испрати порака до други инфлуенсери кои промовираат криптовалути и инвестиции, според универзитетскиот професор Чарлс Вајтхед.

– Тоа е начин да се испрати сигнал до другите инфлуенсери. Ако намерувате да работите со крипто, размислете двапати. СЕЦ исто така ја користи како инфлуенсер за да ја го осигури почитувањето на законите. Тоа е паметен начин да се привлече внимание кон темата, за другите да не го сторат истото – смета Вајтхед.

Во времето на промовирањето на ЕтериумМакс, Кардашијан имала околу 225 милиони следбеници на Инстаграм. Таа не е првата славна личност што плати казна поради користење на влијанието за да промовира криптовалути. Во 2018 година боксерот Флојд Мејведер и музичкиот продуцент диџеј Калид платија казни за промовирање на криптовалути, а актерот Стивен Сигал го стори истото во 2020 година.

Според правните постапки, тие се обвинети дека соработувале за „лажно промовирање и продажба“ на криптовалутите во т.н. шема „напумпај и фрли“ осмислена за да ја зголеми цената на токените и криптовалутите пред нивна продажба на инвеститорите.

Владината агенција откри дека Кардашијан прекршила одредени закони, со тоа што таа не ги признава ниту негира овие наоди, според спогодбата што вклучува казна од милион долари и откажување од уплатата од 250 илјади што ја добила, заедно со одредена камата.

Богатството на Кардашијан се проценува на 1,8 милијарди долари според „Форбс“, со што „Си-ен-ен“ наведува дека казната за неа има иста вредност како 100 долари за просечно американско семејство.