Бержерак, туристички град во југозападна Франција, од неодамна воведе казна од 750 евра за сопствениците што нема да го соберат изметот на своето куче на јавни места.
– Луѓето што ги шетаат своите кучиња се должни веднаш, на соодветен начин, да го соберат животинскиот измет од улиците, парковите, градините и слични места, во согласност со градската уредба од 11 април годинава – посочуваат од локалната самоуправа.

Според Лоик Домбревал, градски советник задолжен за прашања поврзани со животните, казната од 750 евра, најверојатно, е највисока во Франција.
– Кучешкиот измет стана вистинска напаст во градовите, а тоа на крајот резултира со стигматизација на кучињата, а особено на нивните сопственици – вели тој.
Од градската управа на Бержерак порачуваат дека со воведувањето на оваа екстремна мерка, сакаат да гарантираат безбедност и јавно здравје.

Градските власти, исто така, бараат од сопствениците на кучињата со себе да носат најмалку две ќесиња за собирање измет кога одат на прошетка со милениците. Инаку, градот е оддалечен два часа возење од Бордо и неговите жители главно живеат од туризам, поради што градските власти особено внимание ѝ обрнуваат на чистотата и на пријатното опкружување во нивното место.