Фото: Пиксабеј

Поради страв од инфекции на респираторниот систем, штом ќе залади, складирате разни таблети за грло и други препарати? Иако е речиси невозможно да се избегнат сите инфекции, можете да направите малку повеќе за да ги избегнете класичните зимски болести. Издвојуваме три стратегии што ќе ви помогнат да останете силни во текот на зимата.

Зајакнете го имунитетот

– Започнете со многу течности за да ја одржувате влажна лигавицата на горниот респираторен тракт. Тоа ќе го отежне преживувањето на патогените – вели научникот Инго Фробесе од германскиот спортски универзитет во Келн.
Пијте 0,3 децилитри течност на килограм телесна тежина дневно. Значи, ако имате 70 килограми, треба да пиете најмалку 2,1 литри течност дневно. Се препорачуваат вода и незасладени чаеви.
– Она што исто така му помага на имунитетот е урамнотежена и разновидна исхрана. Погрижете се да имате добро снабдување со микронутриенти, железо и цинк за време на зимата – вели Фробесе.
Тие му се потребни на телото за да можат правилно да работат Т-клетките, клетките што откриваат вируси во телото. На пример, можете да добиете железо и цинк од овес, леќа, сусам или тиква.
Вежбањето исто така му помага на телото да се одбрани, затоа вклучете редовни прошетки на свеж воздух.

Спречете го воспалението со миење на рацете

Кога некој кива или кашла, патогени се шират низ устата со плунка или преку носот со секрети. На тој начин патогените микроорганизми може да стигнат до рацете, а со допирање на лицето може да стигнат и до слузокожата, со што се шири инфекцијата, наведуваат од Германскиот федерален центар за здравствено образование (БЗГА).
Можете да го намалите ризикот од инфекција со темелно миење на рацете од 20 до 30 секунди неколкупати на ден. Миењето на рацете е задолжително кога се враќате дома, пред јадење, по користење на тоалетот, секнење на носот или контакт со болни луѓе.
Носете маска за лице на јавни места, но знајте дека клиничките истражувања не докажаа недвосмислено дека носењето маска помага да се спречат инфекциите со грип. Сепак, добро е да ставите маска ако и самите чувствувате симптоми на инфекција.

Направете попис на плакарот со лекови

Дали имате при рака таблети кога ќе почнете да чувствувате чешање во грлото? Сега е добро време да го проверите датумот на истекување на сè што имате во плакарот со лекови и да ги фрлите сите на кои им истекол рокот. Кај сирупите за кашлица, имајте на ум дека рокот на траење може да се намали по отворањето, затоа забележете на пакувањето кога е отворено.
Ако сакате да се снабдите со спрејови или капки за нос, не паѓајте во искушение да купувате производи со адитиви со егзотични имиња. Германската организација за заштита на потрошувачите „Штифтунг Варентест“ вели дека состојките како што се декспантенол, алое вера, екстракт од цвет од камилица и есенцијални масла се непотребни, бидејќи нема доволно докази дека помагаат за здравјето на носот.

Фото: Пиксабеј