Ротацијата на внатрешното јадро на Земјата можеби е запрена, па дури и може да се врти наназад, сугерира новото истражување
Земјата се состои од кора, обвивка и внатрешно и надворешно јадро. Цврстото внатрешно јадро се наоѓа на околу 5.000 километри под Земјината кора и е одвоено од полуцврстата обвивка со течно надворешно јадро, кое му овозможува на внатрешното јадро да ротира со брзина различна од ротацијата на самата Земја. Со радиус од 3.540 километри, јадрото на Земјата е приближно со големина на Марс. Се состои главно од железо и никел и содржи приближно една третина од масата на Земјата. Истражувањето е објавено во списанието „Нејчр џиосајенс“.
Не се случува ништо катаклизмично
Универзитетот во Пекинг ги проучувал сеизмичките бранови од земјотресите што поминале низ внатрешното јадро на Земјата по слични патеки од 1960-тите за да заклучи колку брзо се врти внатрешното јадро.
Оттаму велат дека она што го пронашле било неочекувано. Од 2009 година, сеизмичките записи, кои претходно се менувале со текот на времето, покажуваат мала разлика. Ова, според нив, сугерира дека ротацијата на внатрешното јадро е запрена.
– Претставуваме изненадувачки опсервации што покажуваат дека внатрешното јадро речиси престанало да ротира во последната деценија и можеби доживува движење во друга насока – напишаа тие во студијата.
Професорот Сонг додава дека кога ќе се погледне декадата помеѓу 1980 и 1990 година, се гледа јасна промена, но кога ќе се погледне од 2010 до 2020 година, не се гледаат многу промени.
Движењето на внатрешното јадро придвижува магнетно поле генерирано во надворешното јадро и балансирано од гравитациските ефекти на обвивката. Знаејќи како ротира внатрешното јадро, може да се расветли како функционираат овие слоеви, како и да се дознае за други процеси длабоко во Земјата.
Меѓутоа, според Хрвоје Ткалчиќ, геофизичар од Австралискиот национален универзитет, кој не бил вклучен во студијата, тука се разговара за брзината на оваа ротација и дали таа се менува.
– Наодите од студијата значат дека внатрешното јадро сега е поусогласено со остатокот од планетата отколку пред една деценија, кога се вртеше малку побрзо. Не се случува ништо катаклизмично – објаснува тој.
Сонг и Јанг тврдат дека, врз основа на нивните пресметки, мала нерамнотежа во електромагнетните и гравитациските сили може да ја забави или дури и да ја смени ротацијата на внатрешното јадро. Тие веруваат дека ова е дел од седумдеценискиот циклус и дека пресвртната точка пред онаа што ја забележаа во нивните податоци околу 2009-2010 година се случи во раните 1970-ти години.
Потребни се повеќе истражувања
Ткалчиќ, кој е автор на книгата „Внатрешното јадро на Земјата: откриено од опсервациската сеизмологија“, вели дека анализата на податоците во студијата е добра. Сепак, наодите од студијата треба да се земат со претпазливост, бидејќи се потребни повеќе податоци и иновативни методи за да се расветли ова интересно прашање.
Сонг и Јанг се согласија дека се потребни повеќе истражувања.
Ткалчиќ, кој ѝ посветува цело поглавје во својата книга на ротацијата на внатрешното јадро, сугерира дека внатрешното јадро има циклуси на секои 20-30 години, наместо 70-те предложени во најновата студија. Тој објасни зошто се случуваат такви варијации и зошто е толку тешко да се разбере што се случува во најдлабоките делови на планетата.
– Објектите на нашето истражување се закопани илјадници километри под нашите нозе. Ние користиме геофизички методи за проучување за да ги заклучиме внатрешните својства на Земјата и мора да бидеме претпазливи додека мултидисциплинарните наоди не ги потврдат нашите хипотези и концептуални рамки – вели тој.
Можете да ги замислите сеизмолозите како лекари што ги проучуваат внатрешните органи на телото на пациентите користејќи несовршена или ограничена опрема. Така, и покрај напредокот, нашата слика за внатрешноста на Земјата е сè уште матна и сè уште сме во фаза на откривање, пишува „Си-ен-ен“.