Кинотека на Македонија
Во Кинотеката на Македонија е отворена изложбата „Забранети луѓе“ на Џон Илија Апелгрен. Црно-белите фотографии на музичарите, кои публиката може да ги види, се всушност дел од неговата книга издадена за време на пандемијата на ковид со ист наслов „Забранети луѓе“. Делото, кое е во издание на „Арс либрис“, е своевиден книжевен документарец за незавидната состојба на дел од џез- и рок-музичарите за време на пандемијата на ковид-19. Апелгрен, покрај тоа што е автор на книгата, се јавува и како фотограф на црно-белите портрети на музичарите.
Оваа изложба се поставува во рамките на фестивалската понуда на „Скопско лето“.
– Со фотографија се занимавам од поодамна. Љубовта ми се роди во Англија, кога го добив првиот фотоапарат „пентакс асахи“, во 1989 година… Во моментот кога замреа микрофоните, силно ми зазвучи тишината во животот на „забранетите“, а фотографијата ми се виде како најсоодветна за „заробување“ на таа тишина во фотографиите и решив да ја раскажам нашата приказна на овој начин – објаснува тој.
Во книгата се застапени портрети на 14 домашни музичари, чија главна егзистенција се ноќните свирки и настапите во живо во локали, кои беа забранети за време на карантините и мерките за заштита за време на пандемијата. Фотографиите се портрети на музичарите застапени во книгата.
Меѓу нив се: Благоја Антовски (тапани), Игор Атанасоски-Харе (гитара), Трајче Велков (труба), Калина Велковска-Кали (вокал), Зоран Костадиновски (гитара), Крле (вокал), Кирил Кузманов (саксофон), Џоле Максимовски (бас-гитарист), Андреа Мирческа (контрабас), Иван Петровски (гитара), Полина Тасева (сопран), Петар Ренџов (гитара), Гордан Спасовски (пијано), Арбен Бени Шаќири (вокал) и Џон Илија Апелгрен (вокал).
Апелгрен воопшто не помислил дека во паниката што настана од вирусот, независните уметници изведувачи ќе бидат сосема заборавени и тргнати настрана од системот, дека ќе бидат забранети ноќните свирки и настапите во живо во локали. Тој е еден од многуте музичари на кои со мерките за справување со пандемијата им беше забрането да настапуваат. Тие станаа „забранети луѓе“.