Самостојна изложба на уметникот Леетив Намдаг Јанчхивин од Монголија ќе биде отворена денеска, во 18 часот, во уметничката галерија „Илинден“, во организација на Општина Илинден, со поддршка на почесниот Конзулат на Монголија во Скопје.
Леетив Намдаг Јанчхивин е дипломат, архитект, слободен уметник, моден дизајнер, поет, раскажувач, преведувач, како и почесен амбасадор на Монголија во Република Македонија. Дипломирал на Факултетот за архитектура во 1975 година на УКИМ „Кирил и Методиј“ во Скопје. Реализирал повеќе индивидуални и групни изложби од 1970-тите години до денес. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции и збирки на уметнички галерии и компании од Македонија, Монголија, Мексико и САД. Учествувал на повеќе ликовни колонии. Познат е како донатор на своите уметнички дела во добротворни цели. Живее и работи во Скопје.