Астрономите веруваат дека ја откриле најголемата космичка експлозија досега, која е повеќе од десет пати посветла од која било снимена ѕвездена експлозија, феномен познат како супернова. Оваа супернова трае повеќе од три години, многу подолго од повеќето супернови, кои обично се јасно видливи неколку месеци. Една теорија вели дека експлозијата се случува кога црна дупка ќе „проголта“ голем облак од гас. Блесокот на небото првпат беше автоматски откриен и снимен во 2020 година во преодниот објект „Цвики“ во Калифорнија, но дури една година подоцна беше забележан од астрономите што ги прегледуваа податоците. Астрономите го нарекоа настанот АТ2021lвх, но во тоа време тој беше незабележлив бидејќи немаше индикации колку е далеку, па не беше можно да се пресмета неговата осветленост. Меѓутоа, тим предводен од д-р Филип Вајсман од Универзитетот во Саутхемптон ја анализираше споменатата светлина минатата година и пресмета дека е оддалечена осум милијарди светлосни години.
Астрономите беа целосно изненадени и не можеа да утврдат што може да предизвика толку многу светлина. Во научната литература немаше ништо со што може да се поврзе настанот, нешто што беше толку светло и траеше толку долго.
– Повеќето супернови и плимни нарушувања траат само неколку месеци пред да исчезнат. Нешто толку светло во период од повеќе од две години веднаш стана многу необично – рече Вајсман.
Неговата теорија е дека експлозијата била резултат на огромен облак од гас, можеби илјадници пати поголем од нашето Сонце, кој бил проголтан од супермасивна црна дупка. Тоа испратило ударни бранови низ универзумот и оставило суперзагреан облак од отпад околу црната дупка како огромен прстен од крофна.
Се верува дека сите галаксии имаат супермасивни црни дупки во срцето, а Вајсман верува дека таквите моќни експлозии може да играат важна улога во она што тој го опишува како „резбање“ на центрите на галаксиите.
– Можеби овие настани, иако исклучително ретки, се толку енергични што се клучни процеси за менување на центрите на галаксиите со текот на времето – рече тој.
Сега е во тек потрагата по уште вакви големи експлозии.
– Никогаш досега не сме виделе вакво нешто, а секако не во овој размер. Би бил зачуден ако ова е единствениот таков објект во универзумот – истакна д-р Роберт Масеј, заменик-извршен директор на Кралското астрономско друштво.
Вајсман се надева дека ќе открие повеќе слични настани со нови телескопски системи, кои ќе станат достапни во наредните години. Тимот сега сака да собере што е можно повеќе податоци за експлозијата со набљудување на објектот на различни бранови должини, вклучувајќи и рендгенски зраци, кои би можеле да ги откријат температурата на објектот и процесите што би можеле да се случуваат на површината. Тие, исто така, ќе извршат надградени компјутерски симулации за да тестираат дали се совпаѓаат со нивната теорија за причината за експлозијата.