Производителот на автомобили „Тесла“ го повлече речиси секој автомобил од Кина поради забележани дефекти што го зголемуваат ризикот од сообраќајни несреќи и општи опасности на патиштата.
Дефектот се однесува на регенеративниот систем за сопирање на „Тесла“, кој ја користи енергијата што се создава кога возачите ја симнуваат ногата од педалот за гас и на тој начин енергијата, наместо да се троши, се враќа во батеријата на автомобилот, пишува „Блумберг“.
Се додава дека неисправните возила не им дозволуваат на возачите да го приспособат интензитетот на регенеративното сопирање и не ги предупредуваат возачите кога предолго ја држат ногата на педалот за гас, што ја зголемува веројатноста за неправилна употреба на педалот.
Ажурирањето на софтверот ќе им овозможи на возачите да го приспособат интензитетот на регенеративното сопирање и да ја постават фабричката стандардна состојба на системот, а по тоа ажурирање возилата исто така ќе почнат да ги известуваат возачите кога подолго време притискаат на гас, пренесува агенцијата.
„Тесла“ неколкупати претходно беше критикувана од јавноста во Кина поради возачите што тврдеа дека нивните автомобили имаат проблеми со забрзувањето и сопирањето. Можеби највпечатливиот случај е оној кога сопственичка на моделот 3 се качи на покривот на „Тесла“ на саемот за автомобили во Шангај во 2021 година и извика дека нејзиниот татко за малку ќе загинел додека возел затоа што му откажале сопирачките на автомобилот.
Кина е исклучително важен пазар за „Тесла“, и за производство и за продажба, а како што е соопштено, приходите на „Тесла“ од Кина се искачија на повеќе од 18 милијарди долари минатата година, што е повеќе од шест пати од она што компанијата го оствари во 2019 година.
„Тесла“ продаде околу 1,13 милион автомобили во Кина во 2014 година до март, според кинескиот центар за автомобилска технологија и истражување.