Убавините на островот Крит (втор дел)
Крит со векови има богата култура, разнолика природа, интересни градови и убава музика што треба да се видат и истражат доколку сте таму. Па така, и ние се решивме да прошетаме да видиме неколку значајни града богати со историја. Првата одредница беше градот Ханиа, кој се наоѓа на речиси три часа пат од Херонисос. Тргнавме со автобусот, со Бранко и патувачката дружина, а патот нè водеше преку планини и висорамнини. Се гледа контрастот на островот, од една страна планинскиот предел, од друга плажите. Во планинскиот дел со кањони има интересни области, а течат и многубројни реки. Автобусот се движи со помала брзина поради многубројните кривини, па затоа можете да уживате во убавата панорама. Пристигнуваме во Ханиа, пристаништен град, со богата историја, во попладневните часови. Не е толку жешко, се чувствува средоземноморската клима, па ја започнуваме нашата прошетка. Тргнувањето е од пред црквата „Св. Никола“, единствена што има минаре и камбанарија, која досега сум ја сретнала. Првобитно е изградена како католичка црква во 14 век, а во време на Отоманското Царство станала џамија, кога била чувана светата сабја на турскиот дервиш. Во почетокот на 20 век станала православна црква. Уште едно обележје на Ханиа е црквата „Воведение на Пресвета Богородица“, градена во неокласичен стил. Шетајќи низ градот, поминуваме покрај ѕидините, кои ја отсликуваат старата богата историја на островот. Меѓу ѕидините се забележуваат и остатоци од антички период, а околу се остатоците од венецијанскиот период, кои се доста добро зачувани. Продолжуваме покрај морето, се гледа светилникот од 16 век, се фотографираме, а од другата страна гордо стои Поморскиот музеј, кој, за жал, беше затворен, па не можев да влезам и да го разгледам и да ја задоволам мојата љубопитност. Патем, поголемиот дел од музеите на Крит работат до 15 часот.
Средишна точка на Ханиа е старото пристаниште, околу кое се изградени шарени куќи и има закотвени бротчиња. Тука е особено живо, шетаат туристи, некои седат во многубројните ресторани и барови. Некои ги разгледуваат хотелите, некои шетаат низ чаршијата, а во централниот плоштад „Венизелос“ има интересна фонтана. Пленат старите улички, испреплетени една со друга, а убава е прошетката низ Топанас и Евраики, Сплантиза, старите делови на градот. Главна улица е Теотокополу, со убаво уредени продавници, сувенирници. Ѕирнете и во покриениот пазар – „Агора“, граден по примерот на пазарот во Марсеј. Таму има понуда од сѐ и сешто. И така, незабележливо ќе ви поминат часовите шетајќи низ Ханиа. Во меѓувреме не престанувам да фотографирам, со цел посетата на овој шармантен град со венецијански стил да ја овековечам, да ми останат трајни спомени.
Ретимно – модерен и современ град
Ретимно се наоѓа на средина од островот. Многу е помал од Ханиа, од Ираклион, но плени со мноштвото историски згради, како и шеталиштето покрај морето. Првиот впечаток по доаѓањето е присуството на многу таверни и ресторани, кои имаат поглед на пристаништето и на морето. А таму на еден дел од пристаништето, кај заливот гордо се издига светилникот, изграден од Египќаните, по кусата окупација на градот, и оттука посетителите имаат преубав поглед. Стариот дел од градот навистина плени, со тесните улички, многубројните сувенирници, кафулиња и таверни од каде што се слуша музика. Прошетајте полека низ овој дел од Ретимно, ќе видите камени капии, премини, палати, византиски градби. Уличките се вистински лавиринт и додека шетате ќе ги забележите зокумите во најразлични бои, кои го красат просторот. Полека движејќи се ќе дојдете до фонтаната „Римонада“ од 17 век, со венецијански лавови, изградена од антички еленски столбови. Овде е местото за средби, за дружење, а атмосферата околу неа е многу жива и типично грчка. Во Ретимно има и две џамии, а најавтентична е „Нераца“, изградена на местото на православна црква, со минаре од 19 век. Одлично зачувана и осветлена во вечерните часови со цел да предизвика интерес кај туристите. Сега е простор за концерти, бидејќи има одлична акустика. Во Ретимно е убаво да се посети и тврдината од каде што има преубав поглед на морето, а се наоѓа на врвот од стариот град и можете да стигнете пешки. Вреди да се посетат и Археолошкиот и Музејот на фолклорот. За посетата да биде комплетна и да ви остане во сеќавање, неизбежно е да седнете во некој од рестораните, таверните, да слушате музика и да вкусите критски специјалитети – риба, лосос, лигни, традиционално јагнешко…
Агиос Николаос – Сен Тропе на Крит
Во овој дел на Крит треба да се видат неколку помали селца како Плака и Крица, а потоа да се посети и Агиос Николаос. Плака е шармантно место покрај море од каде што тргнуваат турите за островот Спиналонга, а Крица е традиционално критско село, убаво уредено, преку кое се отсликува старата традиција на островот за производство на маслиново масло, ракотворби и на други традиционални производи. Видливо е дека за да се одржи местото и за да доаѓаат туристи, државата дава субвенции за локалните бизниси. Те пречекуваат љубезните продавачи, кои нудат сѐ и сешто. Убава е прошетката низ Крица, ама нè чека пат кон Агиос Николаос, место каде што застануваат многубројни крузери што крстосуваат по грчките острови. Ближеше веќе дваесет часот кога стигнавме на паркингот покрај пристаништето. Сонцето полека заоѓаше и даваше нестварна слика за убавото мало место во кое од Ираклион се стигнува за час и половина возење. Во Агиос Николаос живеат околу 30.000 постојани жители, но бројот на туристи што го посетуваат и уживаат во новите убавини е голем, пред сè поради тоа што го викаат Сен Тропе на Крит. Има убава клима и во лето и во зима. Полека се движевме покрај пристаништето и марината, за да стигнеме до езерото Вулусмени, кое се наоѓа во центарот на градот.
Ова е солено езеро, кое е поврзано со морето. Според грчката митологија и самата божица Атина се капела во езерото. Тоа е прекрасно место за одмор и релаксација, бидејќи околу него се наоѓаат голем број таверни и ресторани. Убаво е за фотографирање, особено во вечерните часови кога сè е осветлено. А најубавите фотографии се прават од кај црквата покрај рибарската пештера. Откако ќе уживате шетајќи покрај езерото, продолжете со прошетката низ уличките во стариот дел од градот, каде што продавниците и сувенирниците работат до доцна во ноќта. За жал, Археолошкиот музеј, со артефакти од керамика, беше затворен за посета, па немав можност да ѕирнам во овој интересен објект, сместен во модерна зграда опкружен со парк. И така времето за посета на Агиос Николаос завршува. Си заминуваме кон Херсонисос, со убави впечатоци од убаво минато попладне и прошетка од убавиот мал и шармантен критски град.
Остануваат само уште два дена на Крит за одмор и релаксација, на островот за сите генерации, кој плени и повторно повикува да се вратите, да уживате во неговата убавина, во природата и провидната и морска синевина. Којзнае можеби повторно ќе се вратам да го доразгледам целосно, бидејќи сега само успеав да посетам и да видам третина од критските убавини.
(Крај)
































