- Наместо класични предавања во конференциска сала, работилницата беше организирана како професионална теренска платформа
НУ Завод и музеј – Битола организираше меѓународна стручна работилница за конзервација на културното наследство во рамките на „Акт фор Преспа“ (ACT4PRESPA).
Не може само од учебници да се научи како се зачувува културното наследство.
Највредното знаење се стекнува на самите споменици на културата – преку размена на искуства, различни пристапи и заедничка работа на стручните лица.
Токму затоа, НУ Завод и музеј – Битола, како водечки партнер во проектот, организираше дводневна стручна работилница за конзервација на
културното наследство, на која учествуваа претставници од партнерските организации и нивни соработници. Работилницата обедини конзерватори, реставратори, архитекти, археолози и други експерти од Македонија, Грција и од Албанија, создавајќи простор за непосредна размена на знаење и искуства на самите локалитети каде што се реализираат конзерваторски интервенции.
Работилницата е дел од активностите на проектот „Акт фор Преспа“, финансиран од Европската Унија, кој се спроведува во рамките на Програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанско Езеро, кој претставува пример за тоа како европската поддршка и прекуграничната соработка создаваат трајни професионални партнерства и придонесуваат за зачувување на заедничкото културно наследство за идните генерации.
Ова е прва од трите стручни работилници предвидени во рамките на проектот. Следните две ќе ги организираат партнерските институции од Грција и Албанија, со што ќе се заокружи еден уникатен циклус на прекугранична соработка и професионално поврзување на институциите задолжени за заштита на културното наследство во Преспанскиот Регион.
Во текот на дводневната програма, учесниците имаа можност да ги посетат „Јени-џамија“ и археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола, каде што беа презентирани конзерваторските активности на архитектурата, ѕидното сликарство и археолошкиот материјал, како и применетите техники и предизвиците со кои се соочуваат стручните тимови. Вториот ден беше посветен на културното наследство во Преспанскиот Регион. Во црквата „Св. Петка“ во Брајчино беа презентирани резултатите од конзервацијата на ѕидното сликарство реализирана во рамките на проектот „Акт фор Преспа“. Работилницата продолжи во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што експертите ги претставија интервенциите на архитектурата и фрескоживописот, а заврши со посета на Сарајот во Ресен, каде што беа презентирани активностите за конзервација на покривната конструкција, кои наедно се дел од активностите на проектот „Акт фор Преспа“.
Наместо класични предавања во конференциска сала, работилницата беше организирана како професионална теренска платформа.
Ваквиот пристап претставува значаен чекор кон создавање трајна мрежа на соработка меѓу институциите и стручните лица од трите земји, со заедничка цел – зачувување на културното наследство како непроценливо сведоштво за заедничката историја, идентитет и културна разновидност на Преспанскиот Регион.
































