Компанијата „Гугл“ ќе ја „заостри“ својата политика во врска со неактивните џи-мејл сметки оваа година. Оние што сакаат да ја задржат својата сметка на џи-мејл ќе мора да се логираат барем еднаш на секои 24 месеци, бидејќи „Гугл“ објави нова политика за неактивните сметки. Според „старите правила“ од 2020 година, кога беше укинат бесконечниот простор за Гугл фотос, Гугл ги бришеше податоците зачувани на сметките доколку корисникот не се логирал две години, но од оваа година таквите сметки ќе бидат целосно избришани.
Новото правило стапува во сила најрано во декември оваа година, па оние што сакаат да ја задржат својата џи-мејл сметка треба да се логираат. Од „Гугл“ тврдат дека отстранетите адреси на џи-мејл повеќе нема да бидат достапни, како за нивните оригинални корисници така и за други.
Активноста на сметката на џи-мејл се однесува на читање или испраќање е-пораки, користење Гугл драјв, гледање Јутјуб, преземање апликации од Гугл плеј стор, користење на Гугл срч или користење на сметката за најавување на апликации или услуги од трети страни.
Меѓутоа, овие активности не покриваат вообичаени употреби на сметките на „Гугл“, како што е создавање псевдоними што препраќаат е-пошта до примарна адреса и не е јасно дали таквите сметки ќе бидат отстранети.
Кога новите правила ќе стапат во сила, компанијата ќе започне да ги брише сметките што не биле „допрени“ во ниту еден момент по креирањето, а исто така има намера да испрати повеќе известувања на адресата и алтернативната е-пошта во период од неколку месеци пред конечното бришење.