Членовите на „Чоканче“, познатата битолска рок-група што постои повеќе од 35 години, по подолга пауза повторно влегоа во студио и ја снимија песната „Игра рокенрол цела Македонија“. Велат дека тоа е најава за нов музички материјал што ќе го стават на албум.
– „Игра рокенрол цела Македонија“ стигна брзо меѓу луѓето од различни генерации, никој не остана рамнодушен на искрените реченици и на моќниот звук на гитарите. Причината е едноставна, сите ние го гледаме, слушаме, живееме и чувствуваме истото гнило секојдневие, како и сите жители на нашата земја. Наедно, со објавувањето на оваа песна порачуваме: „Чоканче“ сѐ уште е тука и одиме понатаму – велат Иле Лулевски (тапани), Зоран Илиевски-Скроч (гитара), Бранко Шпољариќ-Паљач (вокал), Крсте Симоновски-Крчо (бас) и Игор Беговски-Ќебап (гитара).
Песната е стара седум-осум години, а финализирана е неодамна. Снимена е во студиото на Владко Симоновски во Битола, кој е и продуцент на проектот. Фотовидеото поставено на музичката мрежа Јутјуб го направи Иван Михајловиќ.
Автор на музиката и на текстот е пејачот на групата, Паљач, иако во нејзиното дообликување, како и досега, учествуваа сите членови на бендот.
– Кога правам музика, јас истовремено го пишувам и текстот, за кој овој пат ме инспирираа нашето проблематичното секојдневие, девалвирањето на институциите, состојбите во политиката, културата, образованието, медиумите… Инаку, лани во студиото на Владко, кој е син на нашиот басист Крчо, одново ги снимивме и првите шест нумери на „Чоканче“, кои ги имаме зачувано како демо-снимки уште во 1987 година, и тоа скришно во Радио Битола. И бидејќи живеам во Америка, последниот ден од мојата посета го искористивме да ги снимиме вокалите за новата песна, само со гитара, а потоа тие да ги доснимат другите инструменти. Кога минатиот октомври се вратив повторно, веднаш договорив да се видиме со Владко и да ги доработиме песните. Кога ја слушнав финалната верзија на „Игра рокенрол…“ бев воодушевен. Скроч снимил одлични гитарски делници и прекрасно соло, а Иле ги снимил тапаните и песната доби друга димензија. Со Крчо и со Владко (Скроч и Ќебапо беа на работа) се собравме уште еднаш да го дотераме материјалот и да го направиме финалниот микс – ни рече пејачот на бендот, Бранко Шпољариќ.
Го прашавме и што значи зборот „ѓонија“ што се споменува во песната.
– Изворно ѓонија е турцизам, а значи ѕидарски агломер. Се користи да се нагласи отстапување од стандардите, жаргонски нешто ненормално – ни објасни Паљач.
Тој вели дека енергијата меѓу членовите на „Чоканче“ е постојано иста, спонтана и ведра сите овие години.
– Долго време сме заедно, а бидејќи јас сега живеам во САД, кога ќе се видиме, освен што работиме во студио, неизоставни се и дружбата, шегите, евоцирањето спомени и случки од минатото, во опуштена атмосфера, со мезе и ракија од чоканче. На една таква средба решивме и повторно да се активираме. Преснимените шест песни ќе бидат собрани во еден албум, а освен „Игра рокенрол цела Македонија“ ќе снимиме уште една нова песна, а можеби и неколку други – најавува Бранко Шпољариќ-Паљач. М.Т.