По точно четири години, групата „Фанк шуи“ се враќа со самостоен концерт, на 31 март, во денсинг-салата на МКЦ. Овој концерт наедно претставува и промоција на долгоочекуваниот трет студиски албум насловен „Никогаш пак“, во кој се наоѓаат добро познатите хитови „Крик“, „Метеори“, „Ветер“, „Не време“. Од „Фанк шуи“ најавуваат концерт од час и половина, во кој покрај селекција од нивните веќе добро познати минати изданија, за првпат во целост ќе го изведат и новиот албум.
Пред една година еден од најпрогресивните македонски бендови „Фанк шуи“ го сочинуваа Михаил Намичев, Лука Ѓоргиевски и Давид Николовски, кои создадоа уникатен музички израз низ годините. Нивната приказна започна со деби-албумот „Aether“ во 2012 година. За сопствената музика велеа дека не може жанровски да се одреди и дека повеќе е како чувство и причина. Од минатата година на бендот му се приклучи Мартина Баракоска на тапани. Инаку, ова не беше првата трансформација на бендот. Тие го започнаа своето постоење на сцената со Стефан Стојанов (бас-гитара), на чие место подоцна доаѓа Михаил Намичев. Последните неколку години, со својата работа успеаја да предизвикаат голем интерес надвор од границите на земјава, што им донесе номинации за награди на манифестации како „Адриа музик видео авард“ и „Хеми мјузик авард“. Досега составот ги има објавено албумите „Етер“ во 2012, „R.E.M“ во 2015 и EP-изданието „Импулс“ во 2018 година. Музичкиот портал „Балканрок“ го прогласи синглот „Метеори“ за најдобар сингл на 2020 година, а во меѓувреме тие настапија и на „Атенс мјузик вик“. Претходно беа актуелни по синглот „Не време“, соработка со Вера Милошевска Јосифовска од групата „Љубојна“. Лани тие се претставија пред англиската публика со концерт во Лондон, а потоа гостуваа на фестивалот „Саунд сити“ во Ливерпул.
Влезниците за концертот се во продажба од вчера, онлајн, на bileti.mkc.mk, како и на билетарницата на МКЦ.