Европската вселенска агенција (ЕСА) финансира неколку истражувања што се занимаваат со употреба на нуклеарен погон за истражување на длабоката вселена. Моментно за погон во вселената се користат хемиски погони, електрична енергија или сончева енергија. Проблемот со кој се соочуваат вселенските агенции е што овие методи на погон ги достигнуваат своите физички граници. Нуклеарниот електричен погон (НЕП) би можел да ги надмине овие ограничувања и да лансира вселенски мисии во новото време, дозволувајќи му на човештвото да стигне подалеку во вселената од кога било досега.
Едно од истражувањата финансирани од ЕСА е проектот „Рокетрол“, предводен од научници од Универзитетот во Прага, Универзитетот во Штутгарт и инженери од „ОХБ чекспејс“ и „ОХБ систем“ во Бремен.
– Нуклеарниот погон може да биде поефикасен и од најефикасниот хемиски погон, но и да го надмине соларниот електричен погон и на тој начин да овозможи истражување на места до кои ниту една друга технологија не може да стигне. Ова е голем предизвик за идните вселенски мисии надвор од нашиот Сончев Систем – рече Јан Фрајборт, главен истражувач за нуклеарна технологија на Чешкиот технички универзитет во Прага.
Новите методи на моќ и погон се особено важни додека човештвото напредува кон поодржливи вселенски мисии, па дури и живеалишта и бази на Месечината и пошироко. Тоа ќе бара испорака на опрема и резерви на површината на Месечината и Марс.
– Главната предност во однос на хемиската реакција е ефикасноста на моторот. Предноста во однос на соларната електрична енергија е поголема моќност и независност од изложување на директна сончева светлина, особено во случај на тежок транспорт на товар со други временски ограничувања и истражување надвор од орбитата на Марс – наведува „ОХБ чекспејс“.
Научниците и инженерите имаат 11 месеци да развијат студии за оправданост во рамките на подготвителната програма на ЕСА фјучр лончерс (ФЛИПП) и да ги утврдат предностите од користењето нуклеарен електричен погон во однос на конвенционалните погонски системи за тешки мисии.
– Целта на студиите е да се истражи можноста за користење нуклеарно гориво за тешки вселенски логистички и истражувачки мисии – рече Јакуб Севечек од „ОХБ чекспејс“.
Тој додаде дека „Рокетрол“ ќе обезбеди увид во постојното европско искуство, технологија и индустриски способности за развој на вселенски летала на нуклеарен погон. Покрај тоа, студијата ќе обезбеди идејно решение на нуклеарен електричен погонски мотор. Тимот тврди дека ги разгледува безбедносните ограничувања на системот НЕП од раните фази на дизајнирање.