Со промоција на два нови наслова, „Јас сум смрт“ и „Јавувачот“, како дел од серијалот „Роберт Хантер“, издавачката куќа „Сакам книги“ го најавува гостувањето на писателот Крис Картер во Скопје, кое е дел од неговата турнеја.
Неговите изданија досега во Македонија се продадени во над 10.000 примероци за релативно краток период од околу две години. Крис Картер ќе може да се дружи со своите читатели на 7 мај, со почеток од 12 часот, во салата „Борис Трајковски“, во рамките на Саемот на книгата, каде што ќе потпишува примероци од своите книги за читателите. Од издавачката куќа најавуваат и неколку изненадувања на самиот настан.
Оние читатели што навреме набавиле влезница за настанот, кој од издавачката куќа го опишуваат како вистинска трилер-сензација, ќе можат да се сретнат со Крис Картер и на 8 мај, во „Синеплекс“, со почеток од 18 часот. Разговорот ќе го води Јордан Коцевски, автор на психолошки трилери, а на самото случување ќе може и публиката да поставува директни прашања до авторот.
Крис Картер е роден во Бразил, а по завршувањето на средното образование оди во САД, каде што студира психологија со специјализација за криминално однесување. Како криминален психолог има работено неколку години, а потоа почнува со музичката кариера како професионален музичар. Пред неколку години се откажал од сето тоа за да стане писател со полно работно време. Од „Сакам книги“ годинава најавуваат дури 15 нови наслови од различни жанрови, многу попусти, подароци, промоции и книжевни имиња на 35-то издание на Саемот на книгата. Покрај овие новости, оттаму најавуваат и промоција на четири нови романи од македонски автори, дел од едицијата „Наши, а светски“. Далибор Трајков ќе го промовира својот нов трилер „Траги од минатото“, а Оља Петрушевска-Томева, која со „Сагата на Рајна“ доживеа голем успех, на овој саем на книгата ќе ги израдува своите читатели со нов роман, „Најслаткиот филџан кафе“. Саша Богдан ќе ја читаме со ново дело, меѓутоа сосема различно од нејзините претходни – овој пат трилер насловен „Излез“. А авторката на „Во војната и љубовта“, Верица Митева, овој пат запловува во сосема нови води со мрачната драма „Ја мразам мајка ми“. Сите домашни автори исто така ќе потпишуваат примероци и ќе се дружат со читателите на саемот.