Една од омилените анимирани серии во светот, „Симпсонови“, доби своја руска верзија „Шимпшони“ и за кратко време постигна огромна популарност на Јутјуб.
Имено, дизајнерот од Москва, Алексеј Семенов, прави кратки треш-анимации инспирирани од американската поп-култура и ги објавува на Јутјуб, под името „Мрзливиот плоштад“ (Lazy Square), а негово најново дело е руска верзија на планетарно популарните Симпсонови, кое за кратко време достигна огромна гледаност.
Но додека во оригиналната верзија, во шпицата преовладуваат силни бои, кај Семенов сѐ е сиво, здодевно и депресивно.
Во краткиот исечок Лиса свири саксофон во валкан подвозник, Хомер работи на обезбедување на еден објект, а Барт е насилник, кој на децата на училиште им ги краде мобилните. Тука е и познатата сцена во која Симпсонови седат на кауч пред телевизорот, каде што можат да се забележат и моменти на семејно насилство и Барт, кој е зависник од хероин.
Она што е интересно е фактот дека во заднина се слуша песната „Ederlezi“, оригиналната верзија на Горан Бреговиќ од филмот „Дом за бесење“.
Видеата на Семенов се кратки, траат нешто повеќе од една минута. Тој самиот ги креира, а сѐ почнало кога почнал да прави анимации за својот бренд „Сериозно за“. Анимациите набргу му станале хоби, а пред Симпсонови, најпопуларно видео му било „Терминатор два и пол“.
Видеата, во просек, ги објавува секоја шеста недела, поради својата, како што вели, „универзална мрзеливост“.