Првата џамија во светот направена со помош на 3Д-печатач ќе биде изградена во Дубаи. Министерството за исламски прашања и добротворни цели на Дубаи (ИАЦАД) ќе ја гради џамијата, а нејзината површина ќе биде 2.000 квадратни метри. Се очекува изградбата да заврши во 2025 година, кога ќе може да прими до 600 верници. Џамијата ќе се наоѓа во Бур Дубаи, една од најстарите населби во Обединетите Арапски Емирати, се вели во соопштението на ИАЦАД.
Ќе бидат потребни околу четири месеци за процесот на 3Д-печатење на структурата на објектот, како и дополнителни 12 месеци за опремата. Работниците ќе користат роботски 3Д-печатач, кој за еден час ќе испечати два квадратни метри. Во изградбата на новата џамија ќе се користи комбинација од суровини и внимателно подготвен бетон.
– Со користење на 3Д-печатење ќе го намалиме отпадот од градежни материјали, што е еколошко решение. Џамијата ја претставува визијата на нашето мудро раководство. Цената е за 30 проценти повисока во споредба со градењето на „нормален начин“ бидејќи е прва џамија од ваков вид во светот. Очекуваме дека трошоците ќе бидат слични и во иднина, а гаранцијата е 30 години – изјави директорот на инженерскиот оддел на ИАЦАД.
Изборот да се користи технологија за 3Д-печатење е во согласност со амбициите на Дубаи да стане водечки центар за технологија до 2030 година.
„Дубаи 3Д принтинг стратеџи“ е иницијатива започната во 2016 година од шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум, владетелот на Дубаи, со намера градот да стане главен центар на споменатата технологија. Целта е 25 отсто од идните згради во Дубаи да се градат со помош на 3Д-печатачи. Ова инспирираше голем број производители на технологија да ги испратат своите производи во Дубаи со цел да градат тест-структури.