Фото: МИА

Не е точна информацијата дека на МКЦ му се скратени 90 проценти од буџетот. Средставата доделени од Градот Скопје за МКЦ не се скратени, а програмата која самите луѓе од МКЦ ја направија е одобрена од Градот и во ниту еден момент и по ниту една ставка нема да се менува. Но, нема да дозволиме МКЦ некој да го користи како „параван“ за да го скрие сопственото манипулативно однесување, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Таа на денешната прес-конференција информираше дека в.д. директорот на МКЦ не е разрешен од таа функција која ја изршуваше, туку договорот врз основа на кој беше назначен за вршител на должноста, согласно законот му завршил.

– Што се однесува до лажните вести за новоден притисок врз претходниот в.д. директор на МКЦ, во целост ги отфрламе овие обвинувања и најавувам доколку Ванчо Богоев во рок од 48 часа не се извини за изнесените лаги, изнесеното ќе треба да си го докажува пред надлежен суд. Уште минатата недела во МКЦ почна спроведување на редовна годишна ревизија која е планирана уште од минатата година. Забележани се неколку недоследности кои беа клучни при носењето на одлуката за функцијата на Богоев како в.д. директор – додаде таа.

Прашана дали ќе се воведе нов конкурс, Арсовска потенцираше дека треба да има нов конкурс и истиот ќе биде објавен, меѓутоа како што посочи, „ништо нема да биде на овој начин на кој што господинот Богоев би сакал да биде“.

– Богоев не сакаше нов конкурс, туку сакаше тој да биде повторно в.д. директор и се бунеше зошто не му бил продолжен. Сите постапки кои ќе бидат преземени ќе бидат во рамки на она кое што на нас прописите ни го дозволуваат и тоа ќе го направиме во најдобар интерес на МКЦ – рече градоначалничката.

Арсовска информираше дека минатата година на МКЦ од основниот буџет на Град Скопје му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година од основниот буџет на Градот се одбиени 8,7 милиони денари.

Што се однесува до сумата која се одвојува од буџетот за дотации на Градот Скопје, Арсовска рече дека во минатата година биле одобрени за овој буџет 34 милиони денари, додека оваа година повторно се одвоени 34 милиони денари.

– Намалувањето во вкупен износ е незначително и во ниту еден случај не е затоа што Градот нема интерес оваа институција да функционира туку напротив, Младинскиот културен центар мора да работи и може да работи самоодржливо со капацитети со кои располага – рече Арсовска.

Градоначалничката посочи дека МКЦ има повеќе од пола милион евра сопствени средства кои треба да се трошат наменски и соодветно за дејноста која што оваа јавна установа ја врши.

– Верувам дека како што успеа јавноста да слушне за едната страна, треба исто така да разбере и кои се работите кои таму се случуваат и прашувам зошто доколку не се крати од средствата на МКЦ, зошто доколку не се кратат програмските активности и не се крати ништо од она кое тие самите го донеле и никој не им влијае на начинот на кој што ја креираат програмата внатре, ниту некој им кажува дали таа програма е соодветна или не, туку тие самите одлучуваат по основ на таа програма, зошто тогаш некој би протестирал, освен ако не е грубо изманипулиран – рече Арсовска.

Програмскиот колегиум на МКЦ и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ набргу потоа се огласија со деманти за тврдењата на Арсовска.

– Програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ е шокиран и целосно згрозен од изнесувањата на прес-конференцијата на градоначалничката на Град Скопје. Најостро ги демантираме изнесувањата на прес-конференцијата кои содржат тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст. Истите тие се предмет на клевета согласно законските прописи и нивна цел е целосно нарушување на интегритетот на институцијата и вработените кои се предмет на овие обвинувања – се вели во соопштението од МКЦ, во кое е најавена и прес-конференција за утре, како одговор од културната установа.

Одлучно и во целост ја демантираме градоначалничката Данела Арсовска и нејзините лажни тврдења дека разрешениот директор на МКЦ, Ванчо Богоев е член на ВМРО-ДПМНЕ, порача од партијата, истакнувајќи дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија ќе поднесат предлог за зголемување на средствата и буџетот на МКЦ и другите институции од областа на културата под Град Скопје.