(или од палеолитот и назад до машината)
На една дебата за образование на која за образованието одлучуваа и необразовани, една елитна политгоспоѓа изнесе една „оригинална“ теза: дека не треба да ги тормозиме децата со палеолитот и неолитот и слично, застарено, туку да ги насочиме само кон модерното време на технологијата и нејзините придобивки за човекот и човештвото. Рече и остана жива таа советничка за образование, иако самата необразована за нејзината политфункција во образовниот сектор. Така, но ти и јас мислиме поинаку, за среќа, од неа, драг читателу, иако нашата нова колумна е технолошки насловена до немајкаде. Повеќе и не може да биде. Да. Па сепак за да дојдеме до срцевината на нејзиниот наслов, за жал, на образовната советничка, мораме да се вратиме многу столетија, па и милениуми назад за да ги поврземе во еден јазол, или епицентар, изохипсите на цивилизациите за да ја сфатиме целината на постоењето. Токму затоа, имено, ќе тргнеме напред кон епохите на цивилизациите од палеолитот и симболизмот на дланката на човекот, која хомо сапиенсот за првпат ја втиснал во камените праисториски пештери, негови живеалишта, пред 30 илјади години. Станува збор за најважниот инструмент што му го подарил Создателот на својата творба – раката. Таа е толку многу значајна, позначајна од сè, што можеме слободно да се согласиме со Јакоб Броновски, кој во својата сјајна книга со научни есеи „Подемот на човекот“ вели во стилот на смела хипотеза дека „раката на човекот била таа што не случајно ја диктирала еволуцијата на мозокот“. Таа е таа што ги обликува светот и цивилизациите во него од праисториската епоха на палеолитот до модерната епоха на машината.
Не е едноставен патот на подемот на човекот, драг читателу, од камената праисториска епоха на палеолитот до модерната епоха на динамото на Тесла што ја осветлува ноќта на планетата и модерниот технолошки монструм (потаму ќе следува објаснување) вештачката интелигенција. Првиот пронајдок на човекот, како што е познато, е огнот, а по него тркалото, кои за тоа длабоко време, а јас мислам и за денес, биле поголемо чудо од модерните машини што триумфираа со вештачката интелигенција, сега-засега последниот страшен технолошки крик. Огнот е најстариот човеков пронајдок, затоа и најоткровенски со кој Бог му се претставил на човекот, ако се сетиме и на онаа запалена капина со која Јахве му се јавува на Мојсеј во Библијата. Датирањето на пронајдокот оган е застрашувачко за нашата хераклитовска свест на минливоста: пред 400 илјади години некаде во Кина, додека тркалото е многу, многу помлад изум, пронајдено 3000 год. пр. н. е. во Јужна Русија.
Сеедно. Тркалото е чист технолошки пронајдок. Од него почнува понатаму да се тркала како perpetuum mobile сето она што ние го подразбираме под поимот технологија. Тоа е првата машина во таа смисла, иако примитивно, но волшебно од технолошки аспект, кое ги преживеало од неолитот до денес сите цивилизациски епохи и без кое не може ни денес во екстратехнолошката ера да функционира ни една машина. Тесла многу добро го знаеше тоа. Првата машина, примитивна, но како нејзин архетип што ги обликува енергијата и мислата на тркалото, драг читателу, беше грнчарското колце на неолитот, кое проживеа до денес многу технолошки потопи. И нашиот Рацин се служеше штедро со таа примитивна неолитска машина да ја обезбеди својата скрбна егзистенција, но и за да го задоволи својот уметнички инстинкт со хармонијата како естетика што ја произведуваше таа. Фасцинантно, таа сведочи како се стигнало до силната експлозија на модерната технолошка ера, која експлодира во 19 и 20 век, а нејзиниот климакс сега во 21 век е крунисан со новото технолошко чудо со име Вештачка интелигенција.
Тркалото, драг читателу, е праоблик на машината, додека огнот е симбол на енергијата што ја движи неа. Тој е мајстор на преобразбите и примарната тајна и енергија кај алхемичарите. Прометејскиот мит говори дека тој е украден од боговите. Така. Митовите секогаш имаат извор во небото, но мене ми е поблиска тезата дека тие имаат егзистенцијално потекло. Во таа смисла ми е блиска и хипотезата на Гастон Башалар изнесена во неговата книга „Психоанализа на огнот“, дека тој едноставно е откритие на еротската љубов на човекот, на триење на телата во љубовна екстаза на мажот и жената во која тие произведуваат топлина. Токму во тој топлотен чин, според Башалар, е и идејата за триење на суви гранки или на секање со парчиња белутраци што произведуваат искри, а тие оган. Итн. Сега, пак, тука аналогиите, драг читателу, нè водат кон огнениот симболизам на љубовта, која, според Данте и Мандељштам, ги движи морето и ѕвездите.
Да. Туку важно е тоа дека човекот од прадамнини има нагон за откритија. Науката го датира почетокот на тој нагон уште 600 илјади години пр. н. е. кога се датирани првите камени алатки што ги создал homo erectus. Едноставно, тука е темелна дефиницијата на Бенџамин Франклин дека како битие „човекот е животно што прави орудија“.
Тоа е почетокот на скромниот од нулта точка подем на човекот, кој ја чекал милениуми да одмрзне праисториската зима, да распупи и процвета првата гранка на неолитот (12 илјади години пр. н. е) и хомо сапиенсот да ја воведе новата епоха што мириса на цивилизација во која тој станува пастир припитомувајќи ги дивите животни и земјоделец припитомувајќи ги дивите растенија. Тоа е епохата во која има многу први нешта: првото млеко намолзено од првото стадо, првиот мед од припитомената дива пчела, првиот леб испечен од првото жито итн. до бескрај и бескрајно возбудливо. Во неолитот, драг читателу, човекот за првпат, пред Старите Грци (на кои им се припишува сè бидејќи сè се става во „грчка вреќа“ – Х.Д. Лоренс) го применува природно без теориска естетска спекулација принципот на калокогатијата, на идеалниот спој на убавото и корисното.
Така. А сега ќе изнесеме една можеби смела, радикална хипотеза дека човекот на неолитот е првиот homo faber што доаѓа по палеолитскиот homo erectus во синтеза со хомо сапиенсот, прескокнувајќи го него, далечен предок на човекот, на машината и на технолошката цивилизација, која посебно од доцниот неолит наваму го подготви темелот на старите цивилизации како што се сумерската асиро-вавилонската, египетската, како и оние во Јужна Америка што ги ликвидираа во нивниот цивилизациски грабеж европските колонизатори: Маите, Ацтеките и Инките. Тоа се цивилизации на уметноста, математиката, астрологијата и астрономијата. Дури и без научни лаборатории во денешна смисла, како што е тоа и случајот со халдејските сумерски пастири покрај Еуфрат и Тигар, кои проектирајќи ја (јунговски речено) својата душа во небото го открија зодијакот на астрологијата,темел на астрономијата, на човечкото тело како антропокосмос, што потоа кај Индусите е психоонтолошка филозофија на системот на ’рбетот (чакрите), а кај Кинезите медицината на акупунктурата. А дали сето тоа беше знак или значи дека е во подготовка некој универзален ум, драг читателу, кој ќе се искачи и над Бог, вештачката интелигенција. Ќе видиме, оти ние се служиме со аналогии и хипотези што се карактеристични за научниците и науката. Но сепак.
Така. А сега е ред да се сосредоточиме на насловот на нашиот текст Deus sive machina, карактеристичен за homo faber човекот на технологијата и капиталот, фаустовскиот човек на западната цивилизација, кој, според Освалд Шпендлер, како симбол е карактеристичен за неа. Човекот според него на третата длабинска димензија, кој граби кон длабочината на просторот со љубопитната истражувачка душа. А неа тој, како што знаеме од старогерманската легенда и од Гете, за наука му ја продаде на Мефистофел, ѓаволот. Човекот што мисли и дејствува во рамките на теориската и практичната филозофија Deus sive machina. Таа, пак, формулација за овој текст и неговата средишна идеја ја позајмив од Филип (Клетников), од насловот на еден циклус песни од неговата најнова поетска книга „Темнослов“. А во тој контекст, тој тука во една симболичка варијанта ја дефинира, за што ќе стане потаму збор, и вештачката интелигенција.
Тука, пак, не е тешко да се погоди дека оваа формулација стои како опозиција на формулацијата deus sive natura со која Спиноза фактички го дефинира Бог кого го еманира сликата на природата. Од религиозна гледна точка, таа речиси стопроцентно се поклопува со религијата на деизмот чиј поклоник бил и Волтер. Според деизмот, Бог ги оставил во неа сите клучеви, закони на каузалност по шестиот ден од создавањето на светот и се повлекол потоа како анонимен во некој ќош на вселената, иако Спиноза не мисли баш така. Според него, Бог во ракавот има и други клучеви и закони што не му ги објавил на човекот. Така, тој всушност ги објаснува феномените на чудата. До формулата deus sive natura се блиски и вглобени во неа Русо и романтичарите. Но и уметниците и поетите не се сите со романтичарско настроение. Има некои што се апсолутни поклоници на формулата на Спиноза, но не се тоа и футуристички настроените творци, кои со целото свое битие гравитираат кон контрастната формула deus sive machina. На пример, за илустрација, во руската поезија два такви антипода се Блок романтичар, поклоник на природата и Мајаковски футурист, поклоник на технологијата. Нивните радикално различни филозофски позиции сјајно во еден потег, како што знаеме, симболички ги дефинира Марина Цветаева. Таа вели: „Блок сака да ја види молњата на небото, а Мајаковски во електрична пегла“. Сјајно.
Така. Туку сега, драг читателу, време е да одиме поконкретно на машината и технологијата од кои со некој вид пророчка интуиција се исплашија романтичарите уште со првиот писок на парната локомотива на Џемс Ват, кој на прашањето на еден новинар што прават со неговиот пријател одговорил: „Продаваме енергија“. Енергијата е тоа што ги движи западната капиталистичка цивилизација и умот на нејзиниот фаустовски човек кон сè нови и нови научни откритија и капитал. Освалд Шпенглер, неправедно подзаборавениот германски филозоф, кој е актуелен во овој есеј, вели дека тој – таквиот архетип на таа цивилизација – едноставно и речиси стопроцентно „мисли во енергии“. И тука, како плод на таквиот perpetuum mobile тип мислење, не е само парната локомотива на Ват туку и динамото на Тесла, кое во сојуз со водопадите на Нијагара ја осветли ноќта на целиот свет.
Така изгледаат работите, драг читателу, но тука е неопходно да ја подвлечеме и амбивалентноста на науката, која произведува добро, но, за жал, и зло за човекот како резултат на неговиот божествен, но и демонски ум. Така атомот преобразен во енергија се користи за централи што произведуваат струја и за други позитивни цели, но и за атомска бомба со разорна демонска енергија. Нејзино дело се Хирошима и Нагасаки. За разлика, пак, од науката, уметноста не произведува зло и катастрофи. Во таа смисла, имено, поубаво ќе било Фауст, во договор со Мефистофел, да не ја трампал душата за наука, туку за уметност и поезија, кои се многу покомпатибилни со невината и сензуална убавина на Маргарита, која тој исто така ја добива како подарок во трампата со ѓаволот.
(продолжува)
































