Вечерва, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Лезет“, на кој како солист ќе настапи младиот македонски виолинист Александар Иванов. На програмата се „Психофонија“ од македонскиот композитор Ристо Аврамовски, со чија изведба ќе се одбележат 80 години од раѓањето на авторот, Концертот за виолина и оркестар во Дe-дур, оп. 35 од Ерих Волфганг Корнголд и „Гогољ суита“ од Алфред Шнитке. Диригент е маестро Борјан Цанев.
Творечкиот опус на македонскиот композитор Ристо Аврамовски (1943 – 2007) е исклучително богат и опфаќа над 150 дела од речиси сите жанрови на класичната музика – од најмалите форми до најкрупните – симфонии, ораториуми, кантати, опери. Од експериментална радиофонија до применета музика пишувана за театар, телевизија и филм. Најголем дел од неговото музичко творештво е инспирирано од македонското поднебје, од нашиот духовен простор. Токму такви се неговите дела „Психофонија 1“ и „Психофонија 2“, напишани во 1972 и 1974 година. Во овие композиции тој својата инспирација ја црпи од богатата ризница на македонското духовно поднебје и од македонскиот фолклор, но ги реактивира и третира на сосема поинаков начин и тие добиваат нов лик и експресија.
Најмладиот добитник на наградата „Виртуози“, Александар Иванов, ги спојува експресивната музикалност и техничката експертиза со разновиден репертоар, водени од уметничката љубопитност. Неговата вистинска страст лежи во експресивните можности на доцните романтични композитори. Тој е ученик на познатата школа „Џулијард“, под менторство на Лори Смуклер. Александар Иванов е добитник на меморијалната стипендија „Теплицки“, стипендијата „М. и Е. Коен“ и стипендијата „Хариет и Дејвид Колвин“. Бил солист со Македонската филхармонија, Дунавскиот симфониски оркестар, со радиооркестарот „Класик ФМ“. Својата страст за музиката ја негува со еминентни диригенти како што се: Густаво Дудамел, Марин Алсоп, Борјан Цанев, Манфред Хонек, Веско Пантелеев-Ешкенази, Џошуа Герсен. Александар е постојано присутен на музичката сцена во Македонија, но и надвор од неа. Тој свири на виолина направена од Гаетано Антоањаци, која му е позајмена од школата „Џулијард“.
Добитникот на македонското признание „Виртуози – најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство.