Во „Јавна соба“ пред фотоизложбата посветена на вториот ден од менструалниот циклус кај жените се одржа дебата на истата тема. Меѓу говорниците беше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која ги поддржа женските права и општата борба против стигмата околу менструалниот циклус.
– Преку образование во училиштата и преку различни активности девојките мора да добијат поддршка и разбирање во овој период. Лично и институционално ќе ги поддржам сите прогресивни идеи што водат кон разбивање на родовите стигми и ограничувања – истакна министерката.
На панелот се обрати и Симонида Котларова Попоска, гинеколог, која стручно ја објасни промената на телото на жената пред и за време на менструацијата. Во нејзиното излагање присутните преку научнопопуларен јазик дојдоа до сознание зошто се јавуваат грчевите во долниот дел од стомакот кај девојките и жените.
Натка Пачоска, специјалистка по медицинска психологија, говореше за различните верувања од хиндуизмот, православието, сè до некои обреди во африканските племиња, давајќи осврт на односот на општеството кон менструалниот циклус на жената и колку тоа може да влијае врз нејзиното ментално здравје. Жената бездруго поради хормоналните осцилации во тој период доаѓа до низа ментални промени, меѓу кои понекогаш и до привремено замаглување на свеста.
Нутриционистката Емилија Спасовска Мојсовска говореше што треба да се консумира во текот на тие денови, истакнувајќи ја важноста од хидрирање, пиење сокови од цитруси и внесување железо и јаглехидрати од природно потекло поради намалување на енергијата.
Фотоизложбата се состои од портрети на тринаесет девојки и жени што се фотографираа за време на нивниот втор ден од циклусот, но се фотографираа и на сосема случајно избран друг ден. Портретите ја доловуваат евидентната разлика во расположението кај учесничките.