Фото: Приватна архива

Познатиот македонски пејач, Давид Темелков, кој гради успешна кариера во Хрватска, a се почесто се јавува и како композитор и автор на текстови, но и како режисер на своите спотови, денешниот голем празник 11 Октомври, на своите Македонци им го честита со новата песна „Мојата Македонија“. За неа е снимен и спот, всушност прекрасна разгледница за нашата земја и за нејзините убавини.

Темеков вели дека песната во него тлеела цели пет години и го чекала вистинското време да се појави. По многу непроспиени ноќи и некоја солза, која ќе капнела како тажачка, а на крајот се претворала во радосница се родила „Мојата Македонијa“, за која Давид ги напиша и текстот и музиката, а аражманот го направи со Александар Јовевски, кој во песната свири на кавал. Музички продуцент е Домагој Перишиќ.

– Долго те чував, а сега полетај слободно. Полетај далеку и кажи му на светот кои сме. Полетај далеку до работ на светот и допри ги сите наши, однеси љубов и окрепи ги оние на кои им е потребно, а не има многу. Полетај но врати се дома, дома припаѓаш. Летај песно моја за „Мојата Македонија“ – вели Давид Темелков.

Фото: Приватна архива

Приказната да биде целосна и да добие своја видео приказна, се погрижи самиот Давид, кој патуваше низ Македонија и снимаше кадри за прекрасниот спот, кој самиот го режираше, а во монтажата му помогна Јосип Нинковиќ – Нинац.

– Драги мои, сите ние кои живееме во нашата татковина, како и сите оние кои се подалеку, а татковината ја носат во срце, како мене, ви ја подарувам „Мојата Македонија“. Оваа песна е подарок од Македонија за мене, и од мене за Македонија. Тука сум роден, тука сум пораснал, Македонија ме пораснала, и сѐ она што го носам во срцево за неа, за луѓето кои живеат во неа, го преточив во стих, го преточив во песна. Ти благодарам мајко. И сакам да напоменам, оваа песна и спот не се спонзорирани од ниедна политичка партија, ниту се дел од било каква политичка кампања. Оваа песна и служи ислучиво на Македонија, на сите нас, да не крепи кога сме слаби, да не крене штом ќе паднемe! – порача Темелков. М.Т.

Фото: Приватна архива