Убавото време е можност да поминувате што повеќе време надвор, а што помалку во кујна. Затоа ви препорачуваме во наредниот период да ја испланирате исхраната за што почесто да правите различни салати. Сега има изобилство од храна и свежи состојки, а покрај приготвувањето по рецепт, комбинирајте и некои од вашите омилени вкусови.
Македонска салата
Состојки:
2 домата
3 поголеми благи печени,
лупени и исечени пиперки
половина мала главица
сечкан кромид
2-3 маслинки
маслиново масло,
малку оцет и сол
Оваа македонска салата ја има на менито на секој ресторан кај нас. Приготвувањето е едноставно и вака приготвена, може да ви замени и оброк ако ја комбинирате со сирење. Прво испечете ги пиперките, излупете ги и исечете ги на парчиња и ставете ги во подлабок мал сад. Доматите исечкајте ги и додајте ги, исто така и кромидот. Додајте некоја маслинка, посолете, ставете малку маслиново масло и оцет, промешајте нежно и салатата е подготвена за јадење.
Салата со кикиритки
Состојки:
1 чаша солени печени кикиритки
1 пакување слатка пченка
1 павлака
2 чаши мајонез
80 грама шунка
1 шолја ориз
2 лажичиња сол
прстофат црн пипер
1 чаша шампињони од тегла
1 свежа црвена пиперка
Сварете ги слатката пченка и оризот. Некои сакаат потврдо варена пченка, други помека, па во зависност од вкусот варете ја пократко или подолго. Кикиритките, печурките, шунката и црниот пипер ситно исечкајте ги. Пропорционално измешајте павлака и мајонез за да добиете повеќе кисела павлака. Потоа додајте ги сите состојки во садот, па додајте сол и црн пипер по вкус. Оставете ја салатата да отстои малку за да се соединат состојките. Можете да ја послужите како прилог со вечера или ручек или како мачканица.
Салата со кускус
Состојки:
230 грама кускус
5 китки млад кромид
1 голема краставица
1/2 црвена пиперка
1/2 зелена пиперка
2 домата
1/2 мала тегла исчистени црни маслинки
1/2 китка магдонос
лимон
3 супени лажици маслиново масло
малку оцет балсамико
зачини по вкус
Прелејте го кускусот со половина литар топла вода и оставете го да набабри. За тоа време, исечкајте ги пиперките, кромидот, краставиците и доматите на мали коцки. Исто така исечкајте го магдоносот, исцедете го лимонот и посипете го зеленчукот. Сето тоа измешајте го со маслинки. Кога кускусот ќе се олади, додајте му маслиново масло, па измешајте го со зеленчукот. Зачинете, посолете и ставете црн пипер, додајте малку балсамико, што ќе ѝ даде посебен шмек на оваа салата, која треба да биде комплетен оброк во летните месеци.
Пилешка салата со сусам
Состојки:
зелена салата
300 грама пилешко бело месо
малку маслиново масло
зачини
две лажичиња сусам
сок од половина лимон
два домата
главица кромид
краставица
Белото месо испечете го и оставете го на чинија, покријте го со фолија додека ги приготвите сите други состојки според рецептот. Измијте ја салатата и исечете ја на поголеми ленти, како и месото. Посипете зачини, а на крајот додајте сусам. Со оваа салата најдобро ќе одговара парче младо сирење, па ќе имате здрав и обилен ручек или вечера.
Грчки ветер
Состојки:
половина ќесичка макарони
350 милилитри јогурт
2 коцки сирење фета
краставица
2-3 чешниња лук
неколку маслинки
3 лажици кисела павлака
1-2 тврдо варени јајца
малку свеж копар
2 супени лажици маслиново масло
сол по вкус
малку лимон
Сварете ги макароните според упатството, оставете ги уште малку да се варат за да бидат меки за салатата. Сварете ги и јајцата, по можност тврдо варени. Потоа исечкајте ги состојките – краставицата, маслинките, лукот, јајцата и копарот и ставете ги во садот каде што се макароните.
Сето тоа прелејте го со јогурт, маслиново масло и малку исцеден лимон. Над сето тоа изрендајте малку фета. Потоа ставете ги зачините. Потребни се дваесетина минути за да се приготви овој оброк. На крајот додајте павлака и повторно измешајте сè.