Песни што ме тераат да играм

На 18 октомври 1988 г., во продукција на Ник Сансано (продуцентот на „Паблик енеми“, „Ајс кјуб“, „Ран ди-ем-си“…) излегува критички, политички, музички, историски и уште што ли не, најалтернативниот музички запис што го смени погледот на музиката „Daydream nation“ на еден од најголемите, ако не и најголемиот инди, алтернативен, постпанк, ноис, арт ро, експериментален бенд „Соник јут“. Во суштина овој албум е еден вид музичка библија. Тоа е периодот на крајот на вториот мандат на републиканецот Роналд Реган каде што негов заменик е републиканецот Џорџ Буш, кој станува претседател наредната година. Кога дојде Реган за првпат за претседател го воспостави таканаречениот Реганов модел на економија (регономија) или втора американска револуција. Сите се восхитуваа од она што го направи, а направи многу, при што својот максимумот го достигна во периодот 1983-1984, кога беа отворени нови 20 милиони работни места, беше намалена инфлација од 13,5 отсто на 4,1 отсто, имаше големо намалување на каматните стапки, со што ги заживеа малиот и средниот приватен сектор, достигнувајќи ги најголемите економски поени за САД. Но како што минуваа годините, сите тие позитивни нешта се влошуваа, така што самата земја почна да навлегува во период на економски и психички колапс, а криминалот и крак-кокаинот растеа со огромна брзина и сето тоа надоврзано со големите внатрешни превирања, огромните меѓународни скандали како „Иран–Контра“, Никарагва и сѐ уште Студената војна. Народот почнува да врие и целото тоа незадоволство околу политиката на Реган, која се одразува на секое поле, полека почнува да спојува многу млади луѓе во нова алтернативна сцена. Недостигаше уште тој последен потег да се направи, некој да го притисне чкрапалото, да се запали искрата што ќе доведе до експлозија. Е тој момент го почувствуваа „Соник јут“ при што го издадоа ова епохално дело каде што заедно со уште еден феноменален бенд, „Дајносаурус Џр.“ (Џ. Масис), станаа предводници на таа таканаречена нова алтернативна нација. Идејата на „Daydream nation“ е да се разбудиш од секојдневната фраза „Да сонуваш и да не обрнуваш внимание на она што се случува околу тебе во моментов“ и кога ќе се разбудиш да почнеш да гледаш околу себе со очи и да слушаш со уши широко отворени за да можеш да дејствуваш. Во музичка смисла ова е едно од најголемите и најиновативни изданија (За „Нирвана“, овој албум и изданијата на „Пиксис“ – уште еден од плејадата феноменални САД-бендови – се нивниот камен-темелник, светиот грал, од кои најмногу научиле, презеле).

Оној звук на инди, ноис, поп што „Соник јут“ го понуди на ова издание станува звук на иднината. Од една страна ги имаме големите бендови во 80-тите што правеа нивните изданија, песни да бидат полирани, вештачки, светкави, слатки, здодевни, без некоја конкретна тема што би довела до вулкански ерупции кај слушателите, а од другата страна ги имаме „Соник јут“, кои го прават спротивното, ги обложуваат песните со валкан, нечист слој, за во таа какофонија од ритми, ноис-гитари, слушателите повеќе внимание да посветат на текстот, со што би се разбудиле од фазата на спиење. Нивните песни почнуваат мирно, смирено за потоа како што тече песната да се забрза ритамот во луди рифови, звуци на гитари што врескаат, при што крајот кулминира во неверојатна бучава што во себе има прекрасна мелодија и ритам. И начинот на обликување на песната е тотално различно од сето она што претходно го работеле сите други бендови каде што еден член од бендот доаѓал со некаква идеја и потоа сите заедно ја доработуваат. Кај „Соник јут“ пристапот е драстично различен, тие свиреле на проби со часови и од тоа што заедно го создале ваделе парчиња и ги доработувале, така што од таа симбиоза на енергија, врева, бучава, текстови, излегла иднината на новата алтернативна сцена. Албумот е всушност двоен, составен од 12 песни, околу 70 мин. вселенска музика. Сниман е триесет дена, за сума од околу 30.000 долари. Предната корица е слика на уметникот Герхард Рихтер, насловена „Керзе“ (свеќа), која Рихтер ја продаде за 16,6 милиони долари во 2011 година. На задната корица, исто така, има слична слика од Рихтер со заматена свеќа. Песната „Teen Age Riot“, која го означи албумот, е песна што го отвора албумот и која станува химна на милиони. Во текстовите се зборува за лошите времиња, за убиствата, за меѓусебните разговори на убијците, крак–кокаин епидемијата, криминалците, наркоманите, ноќните дами… Всушност, членовите на „Соник јут“, Ким Гордон – басист, вокал; Турстон Мур – гитара, вокал, лидер; Лее Раналдо – гитара, вокал, секојдневно одеа, лутаат, циркулираа по улиците, забранетите сокаци, забранетите делови од градот Њујорк и тој директен контакт со сите тие чудни ликови изворно го пренесуваат во своите текстови. Текстовите и иритирачката музиката од овој албум „Daydream nation“ се само еден дел од тие што се потрудија да ја разбудат нацијата, која само мечтаеше, сонуваше. Кога кај нас би имало само еден бенд што би бил на некое ниво на „Соник јут“, сѐ би било целосно различно.
Љупчо Давчев