Лимонот е лесен начин да им се додаде малку вкус на обична вода, сок или чај, но некои студии покажуваат дека додадениот вкус можеби не вреди да се ризикува. Всушност, постои голема шанса дека парче лимон ќе ве разболи.
Студијата објавена во „Џрнал оф енвајрментал хелт“ во 2007 година испитуваше дали парчињата лимон послужени со пијалаци во рестораните се контаминирани со вируси или бактерии, а нивните резултати се вознемирувачки.
Истражувачите собрале 76 парчиња лимон од 21 различен ресторан, распоредени во период од 43 посети. Речиси 70 проценти од собраните примероци произвеле одреден микробиолошки раст на кората или на внатрешната страна или на двете, а сите тие микроби имаат потенцијал да предизвикаат некаква болест. Оваа информација прави чаша вода со лимон да изгледа малку помалку освежувачки, нели.
Значи, од каде доаѓа целата оваа контаминација? Според истражувачите од универзитетот „Клемсон“, кои повторно ја разгледаа темата во 2017 година, таа може да дојде од контаминирани раце, штици за сечкање или прибор, само за почеток. Нивната студија покажа дека кога рацете контаминирани со ешерихија коли допираат влажни лимони, бактеријата се пренесува 100 проценти. Ако лимонот бил сув, тој пренос се случил само 30 проценти, но колку често свежиот лимон е целосно сув кога се користи?
И немојте да мислите дека е побезбедно да нарачате парчиња лимон во вашиот коктел – алкохолот во вашиот пијалак не е гаранција. Друга студија покажа дека повеќето бактерии можат да преживеат пливајќи во алкохолен пијалак, дури и во текила.
Ако едноставно не можете да се откажете од парче лимон во вашиот пијалак, барем внимавајте на условите во ресторанот пред да нарачате. Според д-р Алан Тиге, специјалист за заразни болести во Клиниката во Кливленд, треба да ги гледате лицата што се занимаваат со храна и пијалаци.
– Ако сте во бар или ресторан и гледате како вработените зад шанкот го допираат лимонот со голи раце, тоа би можело да биде добар знак да го прескокнете кога нарачувате, па дури и да нагласите дека не сакате парче лимон во вашиот пијалак. Меѓутоа, ако носат ракавици кога ракуваат со лимонот или користат мала маша за да го стават во чашата, тогаш ризикот тие парчиња да бидат контаминирани со бактерии е многу помал – вели тој.
Ако внесете контаминиран лимон, Тиге вели дека тоа не секогаш значи дека ќе се разболите. Ако имате здрав имунолошки систем, веројатно можете да се борите со бактериите, но секој со нарушен имунолошки систем треба да биде внимателен.