Мачките и водата не одат баш заедно, но не е така низ каналите во Амстердам. Бродот на мачките е пловечко засолниште за напуштените мачки што тука го нашле својот дом, приспособувајќи се на новите услови. Бродот запловил првпат уште во 1966 година, кога госпоѓа Хенриет ван Велде одлучила да им помогне на уличните мачки што ги среќавала на дрвјата покрај каналот. А секој што ги сака овие животни знае дека една мачка води кон друга, па кон трета и така натаму. Така било и во овој случај. Освен што Хенриет собрала цела дружина напуштени болни мачки, луѓето почнале да ѝ носат и други, на кои им била потребна помош. Бидејќи веќе немала простор дома, одлучила да побара посебно место на кое би можела сите да ги згрижи. Шетајќи покрај каналот, забележала дека луѓето што живеат во куќичките на сплавовите и чамците и помислила дека ни на мачките таму нема да им биде лошо. И навистина, тоа била добра идеја. Мачките уживале во погледот од безбедна оддалеченост.
Денес, нејзиниот брод може да прими 50 мачки, а има и десетина постојани жители. Иако сопственичката на бродот починала во 2005 година, нејзината оставина живее и се одржува благодарение на многубројните донации и со помош на прилозите на граѓаните. Тука се и дваесетина волонтери што работат во смени и се грижат за животните. Со текот на времето, азилот на вода стана вистинска туристичка атракција. Имено, бидејќи првичната намера била да се спасат мачките скитници, но и да се поврзат со луѓето, така и овој брод е отворен за гости, кои можат да дојдат на палубата, да се напијат кафе и да се поздрават со мачките морнари. Секако, ако тие го дозволат тоа, бидејќи уличните мачки немаат многу позитивни искуства со луѓето, па бегаат од нив.