Католичката црква и формално му ги одзеде овластувањата на Хавиер Новел, најмладиот бискуп во Шпанија, четири месеци откако поднесе оставка на својата свештеничка функција за да се ожени со авторка на еротски романи, чии дела содржат „сатанистички елементи“. Во соопштението објавено деновиве, Шпанската бискупска конференција наведе дека Хавиер Новел автоматски ги загубил своите овластувања откако се оженил со Силвија Кабалол на граѓанска церемонија минатиот месец.
Како што беше објавено претходно, монсињор Хавиер Новел, бискуп емеритус на Солсона, склучил граѓански брак со дона Силвија Кабалол во Сурија, во провинцијата Барселона, на 22 ноември. Според канонското право, на Новел сега му е забрането „да врши какви било права и должности својствени на епископската функција“ и се предупредува дека би можело да следуваат евентуални последици доколку не се придржува до забраната.
– Соодветно на тоа, забрането му е да дава сакраменти или да се занимава со какво било подучување, јавно или приватно – посочува Католичката црква.
На Хавиер Новел, кој стана најмлад бискуп во Шпанија, на 41 година, кога беше именуван во каталонската општина Солсона, во 2010 година, му се забележува што го поддржал учеството во таканаречените терапии на конверзија за геј-лица, а критикуван е и поради поддршката на регионалната независност на Каталонија, пишува „Гардијан“. Но бискупот, кој сега има 52 години, особено го привлече интересот на јавноста кога кон крајот на август поднесе оставка на својата функција од „строго лични причини“. Набрзо се воспостави дека причината за оваа одлука била вљубеноста во Силвија Кабалол, клинички психолог, која станала романописец во 2015 година, а станува збор за контроверзна еротска литература.
– Се вљубив во жена првпат во животот и сакам да постапам како што треба – им соопштил тогаш бискупот на своите пријатели
Новел, кој има и диплома на земјоделски инженер и кој стекна свештенички чин во 1997 година, а сега работи за компанија што се занимава со осеменување свињи. Новел и неговата сопруга не сакаа да дадат коментари во јавноста за нивниот брак и за суспензијата на свештеничките овластувања.