Познатите писатели бараат

Околу десет илјади писатели, меѓу кои и Маргарет Атвуд, испратија отворено писмо во кое бараат компаниите што користат вештачка интелигенција да не ги користат нивните дела без претходна дозвола од нив. Станува збор за петиција потпишана, меѓу другите, од Маргарет Атвуд, Филип Пулман, Ден Браун, Џонатан Френзен и многу други, а се однесува на лиценцата и учеството во заработката.
Членовите на Здружението на автори (Authors Guild), најголемата американска асоцијација на писатели, го испратија ова писмо до компаниите „Опен АИ“, „Алфабет“, „Мета“, „Стабилити АИ“ и ИБМ. Авторите сакаат да бидат фер платени кога вештачката интелигенција ги користи нивните дела за да создаде нешто ново, но и претходно да бидат прашани дали ја одобруваат таквата употреба.
Маја Шанбаг Ланг, претседателката на ова здружение, изјави дека она што го произведува вештачката интелигенција секогаш ќе биде дериват, пренесува „Гардијан“.
– Вештачката интелигенција го исфрла од себе она што го впива, а тоа е човечката работа. Праведно е авторите да добијат компензација за „хранењето“ на вештачката интелигенција и за овозможувањето на нејзиниот напредок – оценува Ланг.
Џонатан Френзен истакна дека здружението на автори прави важен чекор кон заштита на правата на сите Американци чии податоци, зборови и слики се експлоатираат за голем профит без нивна дозвола.
– Со други зборови, тоа се повеќе или помалку сите Американци постари од шест години – додаде Френзен.
Членовите на здружението истакнаа и дека напредокот на вештачката интелигенција уште повеќе им отежнува да заработат доволно пари од вештината што многумина од нив ја усовршуваат со децении.
Ова не е прва ваква петиција, односно отворено писмо, бидејќи и други здруженија се обидуваат да ги заштитат своите членови во екот на напредокот на вештачката интелигенција.