Надја Петровиќ, уметница

Уметницата Надја Петровиќ последен пат ги изложи своите дела пред јавноста во март во Музејот на градот Скопје. На изложбата насловена „Кршливоста на светулките“ ги претстави делата работени во последниот период.
Петровиќ е родена во 1991 година во Битола. Дипломирала и магистрирала на престижната Академија за ликовни уметности во Фиренца, Италија. Дипломирала во 2013 година на одделот за сликарство и цртање, а магистрирала на одделот за визуелни уметности и нова експресивна форма во 2017 година. Во текот на 2009 година посетувала курсеви на Колеџот за уметност и дизајн во Лондон.

Како ги опишувате вашите дела?
– Изложбата „Кршливоста на светулките“ е мултимедиумски проект. Идејата и целта на оваа изложба беа да се обединиме повеќе уметници со иста цел. Сите дела на изложбата се изработени во техниката масло на платно, со исклучок на едно дело, во кое имаше вметнато плексиглас и лед-светла. Делата се во големи формати, од кои во поголем број се дела со висина од два метри. Како стил, делата се реалистични, со елементи на концептуална уметност, која се вметнува преку ленти, лед светла и слично. Исто така има и елементи на апстрактност, слободни потези на четка и брзи потези во самата интерпретација на кожата на самите ликови кога ги гледаме делата одблиску, а кога ќе се оддалечиме ја гледаме целосната реалистична слика.
Во вашите последни дела правите паралела меѓу помеѓу човекот и светулките, на што сакате да укажете?
– Концептот носеше поднаслов „Парадигмата на човековите состојби“, кој прави паралела помеѓу човекот и светулките. Светулките што долго ги истражувавме со стручни лица од областа на ентомологијата нѐ доведоа до сознание дека како инсекти се премногу нежни во светот и сѐ повеќе и повеќе исчезнуваат, потребни им се посебни услови за да можат да опстанат и така се роди насловот „Кршливоста на светулките“. Симболиката е во перцепцијата на животот низ призма на добро и лошо, успех и неуспех, како и што навистина преставува успехот во животот, што е од клучна важност за човекот да биде среќен. Секој има свои пет минути на светење, како и светулките што живеат кратко и згаснуваат, така и човекот.
Каква порака се провлекува низ вашите слики?
– „Кршливоста на светулките“ е диоптер помеѓу стварноста и можностите, кој ни помага да ги препознаеме вредностите, ни ги отвора видиците по кои стануваме морално етички, пософистицирани и подобри личности. Човекот како битие има потреба од одговори и да ја пронајде својата цел, но на тој пат се случуваат непредвидливи дејства, кои се мистерија за целото човештво и, барајќи ги јазикот на духовноста и јазикот на реалните секојдневни проблематики, јас се обидов да направам симбиоза помеѓу очекувањата кај луѓето, она како тие се доживуваат себеси и тоа како реално дејствуваат во реалноста всушност. Со овој проект се открива несовршеноста на човековите навики, кои често се спротивставуваат на духовните и моралните норми. Затоа од недоразбирањето помеѓу човекот и неговите природни потреби, кои се многу помалку од тие што реално ги посакува настануваат кршења на очекувањата, незадоволство и искривување на личноста. Треба да сме во перфектна синхронизација со потребите на универзумот од нас, со што сметам дека ќе светиме и повеќе од пет минути, а можеби и засекогаш со помош на безусловната љубов кон човештвото.
Вашите слики на изложбата беа дополнети со музиката на браќата Тавитјан…
– Делата се веќе интегрален дел од музиката и обратно и кога се перципираат делата во исто време со музиката се добива посакуваната замисла. Музиката е саундтрак на тоа што визуелно го испраќам како порака. Интересен предизвик беше да се обидеме да преточиме бои, идеологија и субјекти низ призма на музички звуци, хармонии и ритмики што имаат свој одреден колорит од звуци од аспект на динамика, композициски пристап, како и содржајност и искрена порака. Тавитјан се познати по искрениот пристап кон музиката низ целиот свет и тоа она што го барав, луѓе со ретко уметнички сензибилитет и несекојдневност во изведбите и авторството, што во овој случај на истите композиции кај браќата Гаро и Диран Тавитјан гостуваат најреномирани светски уметници со многу награди „греми“ и влијателност во најтешките музички стилови на планетарно ниво.
Имате изложувано во Њујорк, Далавер, Сан Диего (САД), Виена (Австрија), Лондон (Обединето Кралство), Венеција (Италија)… Какви впечатоци носите од тие светски центри?
– Секако дека изложувањето во едни од најголемите центри, кои се и главни центри на уметноста и културата, е голем предизвик и доживување. Најголем предизвик според мене претставува публиката, добро поткованата уметнички критична публика што добро ги следи сите уметнички настаните. Секако, станува збор за земји со многу голем број на жители, во кои и конкуренцијата е премногу голема, што претставува уште еден дополнителен предизвик. Едно од поголемите доживувања ми претставуваше излагањето на Саемот на уметноста во Сан Диего, каде што моето дело стоеше на нивната веб-страница и летоци како најава за самиот настан.
Каде ќе се упатите творечки по „Кршливоста на светулките“?
– Со завршувањето на овој циклус започнав да работам и на нов циклус.
А „Кршливоста на светулките“ со целосна поставка наскоро ќе можат да ја видат и во соседните држави, а некои од делата сигурно ќе бидат изложени и во некои од другите европски градови.