Пред повеќе од две години, група градежници, инженери и архитекти се собраа на тркалезната маса на Обединетите нации за да разговараат за многу амбициозен проект – изградба на пловечки град што ќе може да издржи природни катастрофи, како поплави, цунами и урагани од петта категорија, пишува „Бизнис инсајдер“.
Идејата не е сосема нова, бидејќи дизајнерите и претприемачите со децении сонуваат за изградба на вештачки острови и градови на вода. Дури и Хомер пред повеќе од две илјади години замислил митски пловечки град.
Проектот поддржан од ОН минатата недела ги надмина сите пречки, кога градот Бусан во Јужна Кореја се согласи да биде дом на првиот пловечки град, кој ќе биде изграден во соработка со дизајнерот „Океаникс“ и Програмата на ОН за човечки населби (ОН-хабитат).
– Се случи Бусан да биде најдоброто место за тестирање на овој прототип. Ова е нешто што се надеваме дека ќе им користи на сите крајбрежни градови низ светот и на сите крајбрежни заедници што се во опасност од покачување на нивото на морето – рече Итаи Мадамомбе, коосновачка на „Океаникс“.
Градот на „Океаникс“, во основа, ќе биде збир на шестаголни платформи што лебдат на површината на водата. Шестаголниците, генерално, се сметаат за најефикасна форма во архитектурата, која им овозможува на градителите да заштедат и материјали и простор. Градските платформи би биле обложени со варовник, кој е два-три пати потврд од бетонот, но сепак плови и може да издржи сурови временски услови.
Целта е да се развие град отпорен на поплави, кој се подига заедно со нивото на морето и кој произведува сопствена храна, енергија и вода за пиење. Кафезите под платформата ќе се користат за одгледување школки и морска трева.

Мадамомбе вели дека нејзиниот тим ќе работи со локални дизајнери од Јужна Кореја за да го приспособи прототипот само за таа локална заедница. „Океаникс“ ќе ги открие резултатите од своите напори на тркалезната маса на ОН во април. Потоа, како што се надеваат, ќе добијат одобрение и ќе може да започнат со изградба на платформата. Трошоците за изградба, кои ќе зависат од конечниот дизајн и избраните материјали, се проценуваат на 200 милиони долари.
– Сè на сè, ќе ни бидат потребни три години да се изгради пловечкиот град. Очекуваме да имаме еден прототип во вода до 2025 година – вели Мадамомбе, која додава дека „Океаникс“ е во преговори најмалку уште со десет други светски влади за изградба на пловечки градови.
Бусан е град со 3,4 милиони жители и има едно од најпрометните пристаништа во Јужна Кореја. Иако водата околу Бусан е главно мирна, градот беше силно погоден од тајфуни во изминатата деценија, вклучувајќи ги тајфунот Чаба, кој го поплави градот во 2016 година, и тајфунот Конг-реј, кој остави 55.000 луѓе без струја.