Под мотото „Храната е движење“ во хотелот „Александар палас“, во Скопје, ќе се одржи првиот „Слоу фуд салон“. Целта на настанот е да ги промовира малите производители на висококвалитетни производи, кои треба да ја валоризираат вредноста преку своето знаење и труд. Истовремено да ги едуцира консументите да избираат квалитетна храна и да ги поддржуваат локалната економија и заштитата на животната средина.

– Системот на храната денес станува значајно еколошко прашање за дискусија и акција. Храната е генератор на одржливиот развој на регионите и проверен извор на благосостојбата на производителите. Преку настанот сите заедно да дадеме поттик за креирање позитивна клима за опстојување и развој на малите производства и збогатување на понудата на производи на пазарот – велат од „Слоу фуд Македонија“, организатори на настанот.

Повеќе од 100 производители ќе ги изложат своите автентични и висококвалитетни производи и ќе им ги раскажат своите приказни на посетителите, кои ќе имаат можност да се информираат, едуцираат и да дегустираат од прва рака.

Производителите ќе се презентираат поделени во неколку секции: традиционална и органска храна, мали винарници, занаетчиски производители на пиво и даватели на туристички услуги.

„Слоу фуд“ обединува членови, активисти, производители, експерти, готвачи, новинари околу филозофијата „добра, чиста и правична храна, за сите!“
Салонот ќе биде отворен за јавноста в петок од 14 до 20 часот и в сабота од 12 до 20 часот.