Финската кампања „Посетете ја арктичка Европа“ како проект за соработка меѓу Финска, Шведска и Норвешка, под покровителство на Европска Унија, има за цел поларните светлини што се појавуваат на небото над Финска да добијат имиња.

Според организаторите на оваа кампања ова би помогнало туристите и граѓаните на Финска да споделуваат фотографии на социјалните мрежи под едно заедничко име. Првата светлина го доби името според фотографот Хари Тарваинен.

– Сите што ќе пребаруваат за соларна светлина на социјалните мрежи сега ќе можат да го направат тоа и со помош на името и да видат како феноменот се појавил и развивал во разни периоди во денот во цела Финска – објаснува Тарваинен.

Кампањата привлекла над 700 предлози за имиња. Првичната идеја била овие небесни феномени да бидат именувани според ликови од скандинавската митологија, но на листата сега има предлози со имиња на деца и домашни миленици.

Јирки Манинен, директорот на проектот објаснува дека ќе се разгледаат предлозите за имињата за да тие имаат смисла од глобална перспектива.

Поларната светлина е природна појава на небото, особено во поларните региони, предивикана од сударот на наелектризираните честички под влијание на магнетното поле на Земјата. Таа се забележува обично ноќе, а настанува во јоносферата. Позната е и како поларна аурора.