Една од најголемите неонацистички групи во САД има нов лидер – Џејмс Харт Стерн, активист со афроамериканско потекло, чија цел е да ги – расформира.

Според судските документи поднесени во четвртокот, Стерн сака да ја искористи позицијата на директор и претседател на Националсоцијалистичкото движење со цел да ја „минира” одбраната од тужба против таа групација, која е со седиште во Детроит. 

Националсоцијалистичкото движење е едно од неколку екстремистички групи, кои се тужени за крвопролевање на еден собир на бели националисти во Шарлотсвил, во сојузната држава Вирџинија, во 2017 година.

Стерн го замени Џеф Шоеп на местото лидер на групата во јануари оваа година.

„Вашингтон пост” пишува дека Шоеп, кој бил во конфликт со голем дел од членството, му го предал на Стерн водството над групата, бидејќи бил загрижен поради можните последици од тужбата. 

Меѓутоа, Стерн тоа го искористи за да им ја отежне ситуацијата пред судот.

Неговиот подвиг го споредуваат со новиот филм на Спајк Ли „БлеКкКлансмен“, во кој црн полицаец се инфилтрира во огранок на Кју Клукс Кланот.