„Велвет“ е 20-та сезонска колекција на Росица Мршиќ, со која дизајнерката продолжува да им се обраќа на оние жени што претпочитаат автентичен дизајн, со кој се нагласува индивидуалноста и се постигнува препознатлива суптилна уникатност. Со новата колекција за есен и зима 2018 година воведува романтичен и заводлив изглед на жените за овој период од годината. Таа ја развива својата идеја за оваа колекција инспирирана од парискиот шик и шарм во заводливата музика од албумот „Париз“ на Малколм Мекларен.

Мекоста на силуетата, мазните текстури и клучните бои го одредуваат називот на оваа колекција. Во нежните и меки форми користени за разиграна динамика е вметнат препознатливиот геометриски израз на дизајнерката за постигнување јасна и дефинирана силуета. Топлите виолетови и црвени тонови, бојата на лаванда и употребата на црната, белата и сивата боја додаваат суптилна деликатност на целосниот изглед.

Дизајнерката употребува невообичаени плисирани структурни ткаенини, брокати, волнени и екокрзна за постигнување супериорна естетика на колекцијата. Колекцијата е наменета за продажба на домашниот и странскиот пазар во студиото на Росица Мршиќ, во продавницата „Виа“ во Скопје, на онлајн-продавницата на дизајнерката и на други интернационални онлајн-продавници.

Фотографиите од оваа колекција се направени со македонската актерка Наташа Петровиќ.