Планинарското друштво „Х2О“ во пресрет на 29 октомври, кога пред 77 години е објавен првиот број на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, основан со решение на Президиумот на АСНОМ, организира планинарска тура на 30 октомври со почетна точка од селото Горно Врановци.

Тешката печатарска машина „бостонка“, на раце пренесувана од Цветово до Горно Врановци, денес е сместена во музеј куќата на печатот во Горно Врановци. Затоа и оттука почнува планинарската тура кон врвот Кале.

– Турата почнува од Горно Врановци (650 метри) и се движиме кон запад по патека која води низ нискостеблест предел до Острика (812 м.). Потоа навлегува во густа букова шума до изворот Невестинец (1.373 м.) преку Милевичка Река (1.572 м.) ќе излеземе на срт и Корунов Сек (1.700 м.). Продолжуваме кон југ по сртот кон Кале (2112 м.), највисокиот врв на сртот Јалоарник, Кале, Иванов врв. Расфрлани и формирани грамадни карпи ќе не пратат по должина на целиот сртот, а врвот Кале е камена тврдина сам по себе. На крајот од турата е предвидена посета на музејот-печатница во с. Горно Врановци – информираат од „Х2О“.

Патеката е долга 19 километри. Акцијата е средно тешка до тешка зависно од кондиционата спремност за долги тури.

– Јазикот, идентитетот и историјата не се за продажба. Никогаш не ни биле, и затоа не смееме да си дозволиме да ги изгубиме или заборавиме. Во тоа име ПСК Х2О ја организира оваа планинарска акција. Ни претставува голема чест што претставници од редакцијата на „Нова Македонија“ ќе учествуваат на планинарската акција Кале 2112, која се надеваме дека ќе прерасне во убава традиција. Се враќаме кон корените и идеалите на нашите претци преку југоисточниот срт на Јакупица-Јалоарник, Кале и Иванов врв, во централниот дел на Македонија, на најголемиот македонски масив, Јакупица или Мокра – истакнуваат од „Х2О“.

Турата е од отворен карактер. Повеќе информации можат да се пронајдат на следниот линк.