Првиот компјутер на „Епл“, направен од основачите на компанијата, Стив Возниак и Стив Џобс, во 1976 година, беше продаден за 400.000 долари на аукција одржана во САД.
Реткиот компјутер „епл-1“ со куќиште направено од дрво е еден од само 200-те што се произведени и продадени, а досега имал само двајца сопственици, еден професор на факултет и неговиот студент кому му го продал компјутерот за 650 долари. Заедно со компјутерот, новиот сопственик ги добил оригиналните упатства за употреба и касетите.
– Ова е светиот грал за колекционерите на компјутерска технологија, тоа е возбудливо за многу луѓе – рече експертот за „епл-1“, Кори Коен.
Стив Џобс и Стив Возниак, како и Роналд Вејн ја основаа „Епл“ на 1 април 1976 година во гаража во Калифорнија, а за да го финансира производството, Џобс го продал своето комбе „фолксваген мајкробас“, додека Возниак се откажал од калкулаторот ХП-65.
Компјутерите „епл-1“ беа продавани за 666,66 долари бидејќи Возниак сакал да повторува броеви. Се верува дека моментно во светот функционираат 20 примероци од овој компјутер. Цената од 400.000 долари не е рекорд за „епл-1“, бидејќи еден примерок беше продаден во Њујорк во 2014 година за 905.000 долари.