Од 13 до 17 септември ќе се одржи 12-то издание на „Ехо“, фестивалот на планински филм во МКЦ, овој пат комбинирано под отворено небо и во киносала. Програмата ќе ја отвори филмот „По Антарктикот“ (2021) на Таша Ван Занд од САД, а на програмата се и документарците: „Матерхорн – лавовскиот гребен“ на Алесандро Белтраме и Ерве Бармас од Италија, „П3“ на Ден Вилан и Ронгкин Су од Канада и „Миртл Симпсон – живот на мраз“ на Ли Ен Сајдс од САД.
– На 14 септември, Македонското еколошко друштво ќе одржи предавање на тема „Предели на Шара“ со Даниела Јовановска и ќе има премиерно прикажување на краткото видео „Пределите на Шара“ на Тони Стојановски. Потоа следуваат „Интересни факти за змиите во Македонија“ со Драган Арсовски и промоција на книгата „Зима на 8.000 – искачување на највисоките врвови во најстудената сезона“ од авторката Бернадет Мекдоналд и прикажување на филмот „Ледените воини“ и „Мојот превртен свет“ – велат организаторите на „Ехо“.
Во парк-киното МКЦ, креативна работилница за деца „Децата и планините“ ќе одржат писателката Билјана С. Црвенковска и уметниците Катерина Николовска и Доротеј Нешовски. Закажана е и презентација на доживувањата „Од Шапка до Пиринеите“, на која своите искуства ќе ги споделат учесниците: Александар Кирковски, Сања Најдовски, Елена Ртовска и Дејан Ангеловски. Игор Талевски ќе има презентација на тема „Ултрадолги велосипедски трки без поддршка“, на која ќе ги сподели своите лични искуства. Секој ден ќе биде отворено и џебно кино од 17 до 19 часот. „Песни на духовите од водата“ на Николо Бонџорно, „Сѐ има граница, само мола-мола не“ на Силвија Екерман и Гералд Неслер, „Сув дом“ на Рубен Креспо, „Со велосипед и кајак: Алпи“ на Олаф Обсомер, „Искри“ на Владимир Перовиќ се само некои од филмовите на репертоарот.