„Еј дедичко“ е насловена сликовницата што неодамна ја издаде легендарниот британски музичар сер Пол Макартни. Како што вели тој, таа е наменета за децата од 4 до 64 години.
Реакциите уште сега се фантастични, бидејќи децата, откако родителите ќе им ја прочитаат оваа, бараат и други книги од Пол Макартни.
Но ова не е првата книга што ја напишал славниот музичар. Пред една деценија, заедно со Филип Ардаг и Џоф Данбар, тој ја објави „Високо кон облаците“, еколошка парабола, во која главниот јунак беше една верверичка. Неодамна е одобрено и снимање филм според книгата, објави весникот „Гардијан“.
Инаку, сликовницата „Еј дедичко“ е наменета за помладите читатели. Но коњското опавче на ведриот дедо и неговата виолетова виндјакна, сведочат за тоа дека тој имал интересна младост. Вадејќи ја кутијата со разгледници, еден дождлив ден за да ги развесели своите четири внуци, тој им објаснува дека порано разгледниците всушност беа – инстаграм-фотографии што луѓето ги испраќаа на вашата домашна адреса. Децата со воодушевување го слушаат, по што дедичко го вади својот волшебен компас и тие за миг се префрлаат на убавата песочна плажа од фотографијата. И така со ред се редат авантури за паметење.
Канадската илустраторка Кетрин Дерст ја збогати книгата со убави илустрации.