Пестицидите што им се продаваат на фармерите и веќе се мешаат во коктели може да убијат двојно повеќе пчели, покажала анализата на 90 спроведени истражувања.
Секое истражување го анализираше влијанието на стресот врз животната средина, како што се пестицидите и лошата исхрана. Истражувачите ги користеле податоците за да установат како комбинацијата на стресови од околината влијае врз инсектите што опрашуваат и било откриено дека комерцијалните формули, кои содржат повеќе хемикалии, ќе треба да вклучуваат сопствени лиценци.
Една студија од 2016 година покажа дека колониите изложени на повеќе пестициди се изложени на поголем ризик од смрт.
– Изложеноста на повеќе пестициди е норма, а не исклучок. Ако имате пчелна колонија изложена на еден пестицид што убива 10 проценти од пчелите и друг пестицид што убива уште 10 проценти, би очекувале вкупниот процент да биде 20 проценти. Меѓутоа, синергетскиот ефект може да ја зголеми смртноста на 30-40 проценти. Тоа е токму она што го откривме за време на анализата. Затоа треба да ја разгледаме интеракцијата помеѓу овие хемикалии кога лиценцираме комерцијални формули за употреба – вели докторот Хари Сивитер од универзитетот „Тексас“ во Остин.
Во друга студија се наведува дека пчелите низ светот развиваат способност да го „исчистат“ особено штетниот паразит наречен вароа, грини што живеат и се хранат со пчели и ларви.
Пчелите веќе имаат комплексно организирано хигиенско однесување, како што е отстранување на заразените ларви од кошницата. Сега е утврдено дека пчелите развиваат способност да ја преживеат инфекцијата без хемиски третман. Притисокот што го вршат грините ги натерал пчелите да се приспособат и да преживеат без помош на хемикалии.