Кинеската вселенска агенција го откри името на својата мисија на Марс, која се планира да започне оваа година. Мисијата на Марс е наречена „Тјанван-1“, а целта е со лансирање на сондата да се направат орбитирање, слетување и истражување, сѐ во една мисија.
Кинеската национална вселенска администрација (ЦНСА) го искористи кинескиот Ден на вселената, кој се одбележува од 2016 година и претставува славење на успешното лансирање на првиот кинески сателит „Донгфангхонг-1“ во 1970 година, како можност да се обедини земјата и Кинезите уште еднаш да погледнат кон небото.

Името на мисијата потекнува од песна стара околу 2.000 години, напишана од Кју Јоан, еден од најголемите кинески литературни великани, која поставува прашања за небото, ѕвездите, разните природни феномени и митови.
Кина е третата земја во светот што испрати човек во вселената користејќи своја ракета, а планира да стане и поголем играч во вселената до 2030 година.