Ремек-делата на декоративната и применета уметност од колекцијата на музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Русија, и украсите од колекцијата на познатата француска јувелирница „Картие“ се претставени неодамна на голема изложба.
Со овој настан беше одбележана петгодишната соработка меѓу „Ермитаж“ и „Картие“, во проектот за реставрација на скапоценостите од музејската збирка. Соработниците на лабораторијата за реставрација на скапоцени и археолошки метали на „Ермитаж“, со поддршка на „Картие“, реставрирале пет уникатни споменици на декоративно-применетата уметност од периодот од 10 до 19 век, од збирката на рускиот музеј.
Покрај реставрираните ремек-дела од јувелирската уметност на „Ермитаж“, претставени се и 35 украси од историската колекција на „Картие“, кои се избрани врз основа на материјалот и стилот на изработката.
Меѓу изложените предмети е и златно шишенце за парфем, од ризницата на големите могули, украсено со дијаманти, смарагди и рубини, кое во Санкт Петербург е донесено во 1741 година. Шишенцето е претставено заедно со украсите на „Картие“ со источни мотиви, меѓу кои е и ѓерданот во индиски стил, изработен од рубини, дијаманти и бисери нанижани во пет реда.

Меѓу експонатите е и кристална ламба, направена во арапски стил во 10 век, со украси што ги направиле италијански златари во епохата на ренесансата. Ламбата е изложена заедно со делата на француските златари од колекцијата на „Картие“.
Пред три години е реставрирано и ковчежето на Јадвига Јагелонка, направено во 16 век во Нирнберг, Германија. За неговата изработка се користени разновидни златарски техники.
Тука е и медалјонот опточен со злато, изработен во 1860 година, во периодот наречен „Картие пред Картие“.

Фелдмаршалскиот жезол на Александар Втори, украсен со емајл, брилијанти и смарагди, бил направен во текот на 1878 и 1879 година, а реставриран е во 2019 година. Го придружуваат скапоценостите на „Картие“ што ја изразуваат државната симболика и воените победи на Русија и Франција.
– Музеите се место за дијалог меѓу културите. Тоа е дијалог на класични ремек-дела од разни епохи – од источниот јувелирски занает, западната уметност и современата и класичната уметност на 20 век. Тоа е многу вреден и поучен проект, кој се однесува не само на предметите туку и на дизајнот. Современите претстави за убавината се испреплетуваат со класичните естетски сфаќања на императорскиот двор – изјави директорот на „Ермитаж“, Михаил Пјотровски, на отворањето на изложбата, која ќе трае до 18 април.