Истражувачи од Монтреал, Канада, идентификувале повеќе од 20 вида растителни молекули што управуваат со стареењето на клетките, со што ги продолжуваат годините на активен живот кај човекот. Пред три години истражувачи од универзитетот „Конкордија“ и од „Ајдон технолоџист“ ја откриле првата серија од шест молекули „против стареење“ изведени од растенија. Потоа, минатата година откриле дека нивната сила против стареењето е десеткратно зголемена, со комбинирање на некои од овие билни екстракти. Убедени во потенцијалот на овие откритија, научниците продолжиле со истражувањето, со надеж дека ќе пронајдат други слични молекули.

Во студијата објавена во научното списание „Онкотаргет“ објасниле дека оваа цел ја постигнале со идентификување на 15 дополнителни растителни екстракти што може да го намалат влијанието на времето врз клетките.
За да дојдат до овие заклучоци, претходно биле направени тестови на клетки на квасец, чие стареење е слично на стареењето на човечките клетки. Благодарение на идентификуваните растителни екстракти, кои се нарекуваат модулатори, животниот век на овие клетки се зголемува од 5 до 8 дена.
Според Ерик Симард, претседател на компанијата „Ајдон технолоџист“, која ги користи резултатите од ова истражување за комерцијализација на природните производи, десетина молекули „против стареење“ во минатото веќе ѝ биле познати на научната зедница, но нивната сила била мошне ограничена.

– Влијанието на овие откритија ќе биде огромно. Ова за што зборуваме е намалување на зачестеноста на сите болести поврзани со стареењето – вели коавторот на студијата Владимир Титиренко, истражувач и професор по биологија на универзитетот „Конкордија“, пренесува Танјуг.
Тој го споредува овој напредок со откривањето на постоењето на матичните клетки пред триесетина години.
Конкретно, Титиренко верува дека резултатите од истражувањата би можеле да имаат позначајни последици, не само во економска смисла туку и на квалитетот на животот на населението и на капацитетот на здравствениот систем.
Некои од новите билки против стареење, како што се наведува, се: џуџеста палма, кантарион, портокалово дрво, хмељ, глуварче и други.