Нема патишта што водат до малиот канадски град Черчил, но тоа не ги спречува илјадниците туристи да одат да го посетат секоја есен. Тоа е затоа што во оваа област, во близината на брегот на заливот Хадсон, можете да одите на турнеја и да го видите најголемиот копнен месојадец во светот – поларната мечка.
Регионот Черчил е едно од најјужните места каде што ќе најдете поларни мечки, кои поголемиот дел од годината го поминуваат на мразот на заливот Хадсон ловејќи фоки. Но налето, кога мразот се топи, тие мора да излезат на брегот на неколку месеци. Затоа понекогаш мечките талкаат во близината на градот.
Локалните жители велат дека тоа е доста вообичаено за време на сезоната на мечки. Исто така, многу им го поставував на луѓето прашањето колку се чести мечките во градот. Го прашав и таксистот што ме возеше од аеродромот до хотелот и тој ми рече: „Само што имавме мечка во градот минатата ноќ“ – изјави фотографот Карлос Осорио за „Си-ен-ен“.
Во Черчил секогаш постои можност да се сретнете со бела мечка, но градот презема чекори за да ги намали ризиците. Има „патрола на мечките“ со членови што ја надгледуваат областа, како и телефонска линија на која луѓето можат да се јават за да пријават дека виделе мечка. Градот, исто така, започна со тестирање нов радарски систем или „беардар“, за да предупреди на приближување на мечка. Нападите се ретки, последниот беше во 2013 година, а од почетокот на 1980-тите немало фатален напад, според новинската агенција „Ројтерс“. Во Черчил живеат само околу 900 луѓе, но тие се свесни и подготвени во секој момент да се сретнат со некоја мечка. Исто така, постои обичај да се остави отклучена вратата од автомобилот, во случај некој да е надвор и да треба брзо да најде заштита од мечката.
Едноставно треба да бидете внимателни. Не можете да бидете никаде сами. Мора да имате возило или некој со вас или некакви средства за да ја исплашите мечката – вели Осорио.
Отстранувањето на мечката е првата тактика што ќе ја користи патролата ако види мечка како се приближува до градот. Ако тоа не успее, тие ќе користат гумени куршуми или пиштол за пејнтбол за да ја убедат мечката да продолжи понатаму. Ако мечката истрае, ќе се обидат да користат жива мамка или ќе пукаат од пиштол за смирување.