Помогнете му на вашето милениче да го надмине стравот од огномет и петарди

Огнометот и петардите предизвикуваат страв и непријатност кај животните, особено кај кучињата. Многумина ќе почнат да лаат, да гледаат каде можат да се скријат или нервозно ќе се вртат низ куќата. Но постојат начини на кои можете да им помогнете.
Не изнесувајте ги надвор: Иако има и такви што веднаш ќе се скријат при првиот звук на пукање, има и кучиња за кои пар петарди не се голема опасност. Но на новогодишната ноќ, погрижете се да не го изнесувате вашето домашно милениче надвор пред да започнат огнометот и пукањето. Изведете го порано да си ја изврши должноста.
Одвлечете им го вниманието: Кога ќе дојде време за пукање, обидете се некако да им го одвлечете вниманието. Подгответе им ја омилената играчка, почестете ги или обезбедете им четкање или гушкање. Не е лошо да пуштите музика доволно гласно за помалку да се слуша огнометот.
Покријте ги: Пред огнометот, можете да го земете вашето домашно милениче во раце и да го завиткате во топло ќебе или стар џемпер. Така ќе се чувствува безбедно, а гарантираме дека ќе му биде поудобно отколку да го оставите да се крие под масата.
Изморете ги: Ако сакате да го изнесете надвор порано, погрижете се вашето домашно милениче добро да се истрча. Тоа може да биде долга прошетка или, ако останете дома, игра во која ќе ја потроши својата енергија. Кога се уморни, кучињата ќе посветат помалку внимание на пукањето, а некои може дури и да заспијат.