Плакатите што го најавуваа двочасовниот документарец за Диего Марадона, кој премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал, го налутија славниот фудбалер. Причината беше тоа што на нив пишуваше: „Диего Марадона: бунтовник, јунак, измамник и Бог“. Легендарниот спортист се налутил поради зборот измамник, па ја повикал публиката „да не го гледа филмот кога следниот месец ќе пристигне во киносалите“.

– Играв фудбал и заработував трчајќи по топката, никого не го измамив. Ако ваква реклама избрале за да ја привлечат публиката во киносалите, тогаш тоа го прават на погрешен начин. Не ми се допаѓа насловот и мислам дека ниту филмот нема да ми се допадне. Не одете на кино и не гледајте го филмот – им порача Марадона на своите обожаватели во интервјуто за „Унивижн“.

Режисерот Асиф Кападија, кој досега беше наградуван за документарците „Ејми“ и „Сена“, претходно изјави дека Марадона досега не го видел филмот и дека многу го интересира како ќе реагира славниот фудбалер откако ќе го види.

– Имаме многу снимен материјал, многу сцени што досега тој не ги видел, за него, за членовите на неговото семејство, за децата… Верувам дека сето тоа Марадона ќе го доживее многу емотивно – изјавил Кападија за агенцијата „Ројтерс“.

Во документарецот тој го прикажува периодот од 1984 година, кога Марадона преминал од Барселона во Наполи, до 1991 година, кога морал да го напушти клубот. Наводно, легендарниот фудбалер не барал од филмот да се исфрлат некои детали, бидејќи му се допаднал филмот што тој го сними за Аиртон Сена, славниот возач на Формула 1. Затоа и се согласил да биде наратор во филмот.

Иако најавен, Марадона не дојде на премиерата во Кан, а Кападија изјави оти тоа е поради здравствени проблеми, поточно повреда на рамото, поради што Марадона ќе биде подложен на хируршки зафат.