Идиличното планинско село Ширакава, сместено во Јапонските Алпи на 1.600 метри надморска височина, стана популарно во целиот свет, не само поради својата убавина туку и поради фактот што го забрани пушењето. Така, сега, поради големиот интерес, посетата е ограничена и има листа на чекање.
Ова село во централниот дел на Јапонија е познато и по традиционалните куќи, кои се нарекуваат гашо-зукури, а препознатливи се по сламените покриви, кои потсетуваат на раце склопени во молитва.
На секои десетина дена сламата се менува, за да ја издржи студената зима со многу снежни врнежи. Во почетокот на 1990-тите години, ова село како од бајка, во префектурата Гифу, се најде на листата за светско културно наследство на УНЕСКО, со што се зголеми бројот на туристите што доаѓаат тука. Оваа мала рурална заедница пред пандемијата на коронавирусот била посетувана од 2,15 милиони туристи годишно од сите краишта на светот.
Меѓутоа, во 2019 година властите одлучиле да ги ограничат посетите, а во истиот период Холандија го прогласи селото Ширакава за најодржлива дестинација на светот.
Освен животот во согласност со природата и избегнувањето на масовниот туризам, Холанѓаните ги пофалиле и строгите мерки за заштита од пожар, бидејќи куќите имаат сламени покриви. Но кога во 2019 година избувнал пожар во една од куќите, сите жители, заедно со пожарникарите, учествувале во неговото гаснење. Од почетокот на 2021 година, општинските власти го забраниле и пушењето за да спречат слични незгоди во иднина.з