Мишо често велел дека многу ја сака оваа песна, како и целото македонско богато звучно културно наследство

Легендарниот хрватски пејач Мишо Ковач (79), чии песни беа големи хитови во некогашна Југославија, на музичката сцена е повеќе од 50 години и деновиве повторно е актуелен. Имено, во издание на дискографската куќа „Кроација рекордс“ неодамна беше објавена неговата ретроспективна антологија, на шест компакт-диска.
Колекцијата содржи вкупно 131 песна, одбрани лично од него, меѓу кои е и прекрасната „Калеш бре, Анѓо“. Снимката на овој бисер на македонската музика, која Мишо по своја иницијатива ја снимил во 2014 година, од заборавот ја спасил Зулфи Назифовски. Мишо често велел дека многу ја сака оваа песна, како и целото македонско богато звучно културно наследство.
Назифовски, пак, е музички новинар, колекционер на винили и компакт-дискови, човек што има голема музичка архива. По потекло е од Македонија, а живее во Словенија.

Мишо Ковач отсекогаш бил музички феномен во регионот, а голем број компилации објавени во негова чест сведочат за неверојатно успешната кариера. Сепак, последната е најобемна колекција на негови песни, од почетоците до денес.
Колекцијата, освен 6 компакт-диска, содржи и исклучително богата придружна содржина, книже од 52 страници, во кое се содржани ретки фотографии.
„Остала си увијек иста“, „Мало ми је један живот с тобом“, „Проплакат ќе зора“, „Сви певају, ја не чујем“, „Никога нисам волио тако“ се само некои од хитовите од овој избор. Но, освен најпопуларните хитови, така се и песните од помалку популарните, но не помалку ценети албуми и токму затоа оваа компилација е најсеопфатна досега.
– Оваа антологија е изборот на Мишо составен од неговите најомилени песни. Еден вид подарок за неговата публика што го следи и обожава толку верно. Заслужено, затоа што во ниту еден момент од кариерата Мишо не престана да ги почитува своите обожаватели – вели во предговорот на изданието Николина Мазалин, креативна директорка во „Кроација рекордс“.

За време на долгата кариера, Мишо минуваше низ многу животни предизвици, но секогаш ги надминуваше доследно и храбро.
– Оние што добро го познаваат велат дека тој поседува нешто во себе што го нема никој друг на сцената. Мишо Ковач е единствен жив крал на музичката сцена – велеше композиторот Ѓорѓе Новковиќ.

Лани Хрватската дискографска задруга го закити Мишо со големо признание – специјалната награда „мултиплатинум авард“, како најтиражен пејач во историја на хрватска музика воопшто. Во својата кариера, која трае повеќе од половина век, тој продал над 20 милиони носачи на звук. Неговата песна „Проплакат ќе зора“, изведена на Сплитскиот фестивал, достигнала тираж од 500.000 продадени копии и е најпродаван сингл во целата негова долга и успешна музичка кариера. М.Т.